Ракометниот голман Борко Ристовски не крие дека синот Душан му е најголема љубов. Возбудата дека ќе стане татко не ја криеше ни додека сопругата Николина беше бремена, па често на Инстаграм објавуваше фотографии од неа, од подароците за синот… Првата слика од Душан, кој го носи името на неговиот покоен татко, Борко ја објави само неколку минути по неговото раѓање. Низ смеа признава дека кога станал татко славел околу 60 часа без престан. „Бараше жртва“, вели тој во интервју за „Репортер“.
„Бев збунет, малку изгубен кога го видов прв пат. Не бев свесен што ми се случува. Во раце држев нешто мое. Душан е мирно бебе, со часови може да лежи без да заплаче. Не го очекував тоа, оти јас сум бил темпераментно бебе и таков сум како човек. Некогаш ноќе станувам да ѝ помогнам на Николина, ама пелени не менувам. Многу сум гадлив и не верувам дека некогаш ќе сменам пелена“, открива Борко.
Тој деновиве тренира со момците од репрезентацијата. Се подготвуваат за натпреварите со Романија, а ако победат, Македонија ќе се пласира на Светското првенство во ракомет што ќе се одржи догодина во Германија и Данска.
„Атмосферата е одлична како на секој собир на репрезентацијата. Се спремаме за два тешки, незгодни натпревари што нè очекуваат. Сите сме по малку уморни зашто е крај на сезоната. Ама ќе издржиме уште овие десетина дена, и се надеваме дека ќе ја однесеме Македонија на уште едно големо натпреварување“, вели тој.
Веќе нема да игра за „Барселона“, ама во следните пет години Борко ќе биде дел од нивниот летен ракометен камп што ќе се одржува во Хрватска. Од ракометните ѕвезди на „Барселона“ ракомет годинава ќе учат 100 деца, а десет од нив се од Македонија.
„Потпишавме договор со европска фондација што ги откупи местата за децата откај нас, па тие ќе го посетуваат кампот бесплатно. Четири деца се од ранливи социјални категории. Мило ми е што можам да им помогнам на овие деца да се дружат со едни од најголемите ѕвезди на клубот, да играат ракомет, да научат нови работи. Децата беа пресреќни, родителите ми рекоа дека не верувале, дека по неколку пати им се јавувале за да прашаат дали навистина ќе одат во кампот. Ова е мој начин да вратам за сè она што мене ми го овозможи ракометот“, раскажа Ристовски.
Едно од децата на крајот на кампот ќе добие рачно направени уникатни патики, изработени од Сатја Грабулоски, слични како оние што Борко ги носеше на Европското првенство во Хрватска во јануари.
„Луѓето се врзуваат по она што се. Ние сме хумани луѓе, сакаме да помагаме и тој и јас. Мислам дека од оваа соработка може да излезе нешто многу позитивно, најмногу за дечињата“, рече Борко.