Фотографијата на која пливачкиот тренер Радован Велјановски на раце го пренесе Стефан Трпковски, момчето со Даунов синдром, за заедно да ја поминал целта и да го завршат Скопскиот маратон, ги преплави социјалните мрежи. Се пишуваше дека Стефан паднал педесет метри пред целта. Сепак, неговиот тренер Радован вели дека момчето не паднало, туку сепак имало мала незгода, па морал бргу да реагира за заедно како тим да ја завршат трката.
„Како и секој година, така и овој пат трчавме на маратонот заедно со натпреварувачите од Специјалната олимпијада на делницата од 5 километри. Некаде при крајот, поради малку невнимание или поради возбуда, Стефан се лизна, имаше мала повреда на зглобот, па јас, за да ја завршиме трката побргу сите заедно, го кренав и ја освоиме целта“, раскажа Велјановски.
Вели дека во моментот не бил свесен колкаво внимание ќе предизвика фотографијата ниту, пак, дека толку ќе се пишува за него. Како пливачки тренер Радован пет години работи со децата со посебни потреби кои се натпреваруваат на Специјалната олимпијада. Меѓу нив е и Стефан, момчето од маратонот, кое има освоено две медали на ЛОИ во Лос Анџелес. Не е тајна дека децата со специјални потреби, кои редовно тренираат пливање, го обожаваат својот тренер. „Секој тренинг за нив е ново искуство и дружење. Имаме голема енергија и секогаш е присутно чувството дека сме тим“, вели тренерот. Иако се деца со посебни потреби, тој вели дека тие треба да бидат вклучени во секој сегмент во општеството, а на тренинзите се работи максимално и професионално, без попуштање. По пет освоени медали во Лос Анџелес, тимот се подготвува за европски натпревар по пливање во Косово, а во март 2019 заминуваат на Специјалната олимпијада во Абу Даби.
Александра Георгиев