Познатата водителка Хелена Роза пред две и пол години се пресели на Нов Зеланд. Со сопругот Игор и ќерката Кјара решија да си ја побараат среќата таму затоа што тука, вели таа, се нашла во ситуација да прави сè за да преживее. Хелена за „Репортер“ ја откри својата приказна.
„Се најдов во небрано. Се затвори телевизијата „А1“ и останав без работа. Отворив фирма, но и тоа не се покажа како добра идеја. Сепак, имав 38 години и сфатив дека морам да направам нешто и да се снајдам“, раскажува Хелена. Кога донеле цврста одлука да заминат за Нов Зеланд, со сопругот Игор биле свесни дека на почетокот нема да биде лесно.
„Собравме финансии и се преселивме на Нов Зеланд. Ќерка ми Кјара дојде по шест месеци. Бргу се навикнавме, иако не беше лесно додека да застанеме на нозе“, искрена е Хелена.
Вели дека на почетокот постојано барале работа со Игор и работеле сè. Од работа во сендвичарница до сè што може да им донесе приход.
„Па, јас дури и го чистев салонот на ‘Ауди’ таму. Секојдневно бришев прав од 120 бироа. Но, немав проблем со тоа. Не ми беше важно дали ќе перам или ќе чистам зашто тоа ми се исплатеше“, раскажува помалата сестра на поп-пејачката Ребека.
Денес, по две и пол години минати таму, таа е на свои нозе. Работи како менаџер во една од најпознатите продавници за очила. Задоволна е. Во меѓувреме го роди и Тијан, кој сега има три месеци. Вели дека животот на Нов Зеланд е поинаква приказна од тука.
„Не можев да поверувам кога во државната клиника добив брошура пред породувањето, од која требаше да изберам како сакам да се породам, со музика, без музика, во вода, во кревет, на јаже… јас избрав ѕвездено небо и нежна музика“, раскажува Хелена.
Засега не планира да се врати тука. Сепак, вели дека ѝ недостигаат нејзините блиски.
„Ребека, Маркијан, близнаците на сестра ми, мајка ми и пријателите“, тие многу ми недостигаат.
Хелена ни откри дека иако се сестри со Ребека, сепак, никогаш не биле другарки што си ги кажуваат тајните.
„Бевме блиски само кога ни беше тешко, но не бевме другарки што си ги кажуваат тајните“, искрена е Хелена.
Александра Георгиев