Етно-бендот „Љубојна“ на 1 февруари ќе одржи концерт во Македонската филхармонија. Со концертот тие ќе почнат да ја одбележуваат 18-годишнината од нивното постоење на сцената. Групата во 2001 година ја основале Вера Милошевска и нејзиниот сопруг Оливер Јосифовски, во време кога етното не беше популарно како поп музиката. Низ годините нивниот стил се менувал, а тие созреале и како луѓе и како музичари, откри за „Репортер“ Вера, пејачката на „Љубојна“.
„Првпат работиме концерт со Џијан Емин, тој внесе сосема нова енергија во музиката на бендот. Сакавме да чуеме како ќе звучи ‘Љубојна’ преку туѓите уши, со оркестар, со нови аранжмани на песните што Џијан ги направи за Филхармонија. И овојпат ќе си размениме љубов со публиката, а тие ќе чујат песни на кои јас првпат сум автор на текстовите. Ќе помовираме и нови песни и тие ќе се најдат на нашиот десетти албум“, рече таа.
Идејата што ја имале со Оливер пред 18 години вели ја реализирале. Со време создреале и сега создаваат нова музика, секојпат поинаква од претходната. Инспирација наоѓаат во се, па и во тишината. За годините поминати на музичката сцена, за тоа кој е главен во музиката, а кој дома, и дали нивните деца ја сакаат музиката на „Љубојна“, погледнете го видеото.