Никола Јанков – Коки: Семејството на Дуле ми даде поддршка да продолжам да пеам

By

 

Никола Јанков – Коки, некогаш дел од дуото „Дуле и Коки“, а денес во „Тајфата“, во интервју за „Репортер“ си ја отвори душата. Разговараме за музиката, за новата песна, за идните планови, но и за времето кога тој и неговиот, како вели, компањон Дуле, кој почина пред 4 години, беа препознатлив белег на градскиот живот во земјата.

Приказната за виолината и гитарата почнала во 1993 година кога дошле во Скопје. Нивните настапи не само што беа журки на кои се пееше до рано наутро, туку оставија и белег на едно време. Подоцна дојдоа и настапите на сите фестивали, гостувања тука и надвор од земјата, како и нивните албуми и музички хитови.

Можеби затоа и новата „Песно стара“ на Коки и „Тајфата“ е емотивна нумера, која раскажува за старите времиња и е песна, вели Коки, во која може да се пронајде секој.

„Оваа песна е за старите времиња, за љубовта, забавите… реално секој може да ја доживее како што сака. Но, се надевам дека и на младите ќе успеам да им го доловам времето во кое двајца музичари 20 години свиреле заедно“, вели во разговорот Коки.

На прашањето колку му недостига Дуле, вели дека тоа е многу интимна и емотивна тема, нешто со што морал да се помири, но и да продолжи понатаму.

По смртта на Дуле во 2013 година, се нашол на раскрсница, почнал да соработува со Венко Серафимов, но и ја оформил „Тајфата“ со која свират чалгиски песни со примеси на рок.

„Кога размислував како да продолжам, свесен бев дека не можам да продолжам со она што претходно го правевме со Дуле. Решив да биде овој стил на музика и секако добив поддршка и од моето семејство и од семејството на Дуле за да продолжам да ја работам оваа работа. Јас и не знам друго да работам“, искрен е Коки.

Таткото на малата Лара, сопруг и професор по виолина вели дека успева да ги усогласи сите обврски. Задоволен е од новата песна и приемот кај публиката.

„Требаше да се направи ваква песна за која снимивме и спот што ќе одговара со темата. За идните планови, да сме здрави и живи, албум ќе има сигурно, а се надевам и концерт“, вели Коки.

Александра Георгиев

Ќе ви се допадне