Политикологот Сатја Грабулоски – успешен дизајнер на уникатни патики

Деновиве во киното „Синеплекс“ се одржа изложба на уникатни, рачно изработени патики, исцртани со ликовите од јунаците на филмот „Лига на правдата“. Нивен дизајнер е Сатја Грабулоски, момчето што црта патики и за големите спортски ѕвезди.

„Супермен беше најтежок за цртање зашто не знаевме како ќе изгледа ликот во филмот, а најлесно беше да ги исцртам патиките со ликот на Флеш. Изработката на ваквите патики е макотрпен и долготраен процес. На секоја патика со мојот тим работевме по десетина часа дневно, четири-пет дена“, рече Сатја.

Секој негов ден е исполнет со многу креативна работа. Веќе е во фаза подготовката на следната изложба, но овој пат тоа ќе бидат ликовите од филмот „Војна на ѕвездите: последниот џедај“. Изложбата ќе биде отворена на денот на премиерата на филмот кај нас, 14 декември.

Истовремено, Сатја продолжува да црта патики за спортистите. Во патики со негов дизајн на Светското првенство за жени во ракомет во Германија, кое ќе се одржи на почетокот на следниот месец, ќе играат Драгана Цвииќ, Алекс Лакрабер и Амандин Лејно.

„Како поранешен спортист мислам дека лесно го разбирам тоа што го сакаат. Во преговори сме и со неколку ракометари што би носеле наши патики на Светското првенство во Хрватска во јануари. Не можам да откривам имиња, но се работи за луѓе што имаат повеќе медали отколку што јас сум видел во целиот свој живот,“ рече Сатја во интервјуто за „Репортер“.

Неговите персонализирани патики се најдоа и на насловната страница на веб-изданието на италијанскиот „Вог“.

„Многу беше интересно, посебно што луѓето во моето опкружување на некој начин се подбиваат со мене како дипломиран политиколог и експерт за маркетинг се најде на насловната на ‘Вог’. Убаво е кога такво големо списание оддава почит на тоа што сум го направил“, ни откри Сатја.

Андријана Јовановска

Scroll to Top