Вера Мештеровиќ: Родителите не ми дозволија да бидам светска манекенка

Кога пред 23 години Вера Мештеровиќ беше избрана за прва Мис на Македонија, многумина ѝ предвидоа успешна модна кариера. Беше тинејџерка кога почна да работи во Лондон, Монте Карло, Русија, но се откажа од кариерата заради родителите. Вели, тие повеќе сакале таа да го продолжи школувањето отколку да работи како манекенка.

Од јавниот живот се повлече кога се омажи за фудбалерот Игор Кралевски, роди две деца, и како што вели, десет години му беше целосно посветена на семејството. Неодамна се разведе, па некако во тоа време повторно почна да работи интензивно – да снима реклами и модни кампањи, почна да се појавува на јавни настани, а глумеше и во три спота. По една деценија пауза, ни откри дека е време за промени во нејзиниот живот.

„Секој период во животот носи приоритети, а последните десет години за мене на прво место беа моите деца. Сега кога пораснаа, можам да се вратам на работата. Синот и ќерката се горди на мене, заедно ги гледаме спотовите што ги снимив. Двајцата снимија реклами, па сега знаат како изгледа мојата работа“, раскажа Вера за „Репортер“.

Разводот го смета за нејзина лична приказна, но со радост се сеќава на изборот за Мис на Македонија во 1996 година. Среќна е со новите предизвици што ги има, меѓу кои и Виенскиот бал во Скопје, чија домаќинка оваа година ќе биде таа. За мајчинството, разводот, но и за тоа како Вера се негува на 40 години и што мисли за модната сцена кај нас дваесет години откако беше избрана за најубава Македонка, гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

Scroll to Top