Заминувам тажен, моето срце е „Вардар“

„Моето срце секогаш ќе биде со Вардар, со Македонија“. Вака некако ја опишува разделбата со своите ракометари и навивачи, Раул Гонзалез, тренерот на „Вардар“, кој за два дена си заминува од Македонија. Патот го продолжува во Париз, каде што ќе биде тренер на ракометниот клуб ПСЖ.  Шпанецот, кој научи македонски јазик, ѝ стана миленик на публиката, на своите играчи, но и на сите љубители на ракометот. Полн со емоции, искрен, не крие дека е тажен оти по четири години, си оди од Скопје. Сепак, вели тој, ќе се враќа повремено тука, во Македонија, кога ќе има обврски со македонската ракометна репрезентацијата. Со многу емоции тој во интревјуто за „Репортер“ ни раскажа за првото доаѓање во Скопје, место за кое никогаш претходно ништо не знаел, а денес го чувствува како свој дом. Се присети на  годините поминати со ракометарите со кои лани ја освои титулата во Лигата на шампионите. Благодарен е што добил шанса да биде тренер на „Вардар“.

„Овде е топло, има сонце, народот сака да се дружи и многу е слично како во Шпанија. Четирите години во Македонија ми поминаа многу бргу. Имам чувство како вчера да сум дошол тука. Толку бргу помина сè“, вели Раул, кој стана македонскиот ел команданте кога е во прашање ракометот.

Ниту децата ниту неговата сопруга не сака да си замине од земјава, открива Раул.

„Постарата ќерка Ана има 16 години, сите нејзини пријатели се тука. Таа со врсниците научи да зборува македонски, чита на македонски, пее македонски песни. Ама знае дека поради мојата работа, мора да се преселиме колку и да ѝ е тешко. Ниту сопругата не сака да си оди“, раскажува Гозналес.

Ел команданте ѝ стана симпатичен на јавноста зашто од самиот почеток зборуваше на македонски јазик. Вели дека не му било лесно да го научи јазикот. Одел на часови секој ден, си има своја професорка што го учи, а секојдневно учел збор по збор. Дури и денес смета дека не зборува добро колку што тој би сакал.

„Се трудев многу. Се гордеам што зборувам македонски. Ако сакаш да работиш во некоја земја, треба да го научиш јазикот што се зборува таму. Сега учам да зборувам француски и мора да признам, поблизок е до шпанскиот отколку македонскиот. Полесно разбирам француски,“ искрен е Гонзалес.

Од Македонија ќе си замине со многу сеќавања. Ама најмногу ќе му недостигаат „Јане Сандански“, „Кале“ и „Борис Трајковски“. Вели, сите спомени од тука ќе ги понесе со себе оти тука имал сè.

„За мене, тоа е мојот живот. Кога проаѓам покрај нив со автомобил, ги замислувам полните сали кога игра ‘Вардар’ или нашата репрезентација. Во Шпанија не е така. Тука кога се игра натпревар, срцето ми е полно“, полн со емоции е ракометниот тренер на „Вардар“. Сепак, приказната и не е толку тажна затоа што Раул ќе доаѓа во Македонија поради обврските со репрезентацијата. „Јас ќе сум тука секогаш. Не треба да плачете“, вели низ смеа Гонзалес.

Низ разговорот ни откри дека, иако не научил да зготви некое македонско јадење, сепак знае што е добро јадење тука, а го нема на друго место. Па на прашањето за македонската храна, како од топ вели – ајвар. Обожавам ајвар. Ама не само јас, сите мои пријатели од Шпанија, кои кога си заминуваат одовде, си одат со по неколку тегли авајр. Сите сакаме ајвар“, вели Раул.

Во разговорот ни откри дека е среќен што постарата ќерка спортува. И таа е ракометарка.

„Важно ми е што спортува. Спортот за мене е најдобрата наука. Кога спортуваш, не пиеш алкохол, не пушиш. Можеби мојата ќерка нема квалитет да игра со првата екипа, ама секој ден оди на тренинг, се труди и јас сум среќен што му е посветена на спортот“, вели Раул.

Гонзалез е поранешен ракометар. „Вардар“е првиот тим што го тренирал. Вели, потешко е да си тренер.

„Кога си играч, имаш само еден проблем – ти.  Кога си тренер, имаш 20 играчи. Во клубот работиме сите заедно. Јас не сум против нив, туку заедно одиме на победа. Ако сакаме да успееме, треба да си помагаме, да бидеме професионалци. Не треба да има војна меѓу нас. Кога се игра, има притисок, тензија, емоција. Никогаш не знаеш како ќе заврши натпреварот. Кога губиш, се чувствуваш катастрофално. А некогаш и кога победуваш, не се чувствуваш убаво ако знаеш дека не си играл добро. Сепак, повеќе сакам да бидам тренер“, објаснува Гонзалес.

Признава дека е многу разочаран што „Вардар“ не успеа да ја одбрани титулата во Лигата на шампионите.

„Имавме одлична сезона и мислев дека имаме подобра шанса од лани, ама, за жал, не завршивме како што сакавме. На крајот, среќен сум што работев со оваа екипа. Дечките се супер“, ни рече Раул.

(А. Јовановска- А. Георгиев)

 

 

Scroll to Top