Поради дрскоста што ја имам, ме засака публиката

Хрватската пејачка Нина Бадриќ е во Скопје. Таа оваа година одбележува 25 години професионална кариера, па тоа беше и поводот за да дојде во Македонија и да го најави својот концерт, кој ќе се одржи на 9 јуни во Македонската филхармонија. Ова е прв нејзин солистички концерт кај нас.

„Конечно, ќе речам: ‘Добар ден Скопје’. Неверојатно е како за 25 години немам одржано ниту еден концерт во Македонија. Тоа е неправда што ќе ја исправам. Имало договори, ама никогаш не се реализирале до крајот. Сум настапувала и во Штип, во Струмица, неколку пати и во Скопје, ама никогаш сум немала свој концерт. Затоа си ветив дека ќе доаѓам почесто во Македонија“, вели Нина во разговорот за „Репортер“.

Нина пее од својата 10. година, а нејзините почетоци се поврзани со една од најголемите музички ѕвезди во Хрватска, но и во поранешна Југославија, сега веќе починатиот Дино Дворник. Вели дека тој ѝ отворил многу врати во музиката. Но, по сите години поминати на сцената, најголема поддршка ѝ се сестрите Сунчица и Дијана.

„Како старее, човек сфаќа дека ништо не е поважно од семејството. Пријателите доаѓаат и си одат, некои останувааат, ама семејството е тука. Неминовно е човек да се врати на почетоците, а мене моите почетоци ми се најдраги. Тоа е време кога ништо не е сигурно и почнувате од еден сон. Музиката ми беше предодредена од дете“, рече Нина во интервју за „Репортер“.

Таа ни раскажа дека кога ќе се врати наназад, не жали за ништо во кариерата. Но, кога ќе размисли, денес некои работи можеби би ги направила поумешно и попаметно.

„Дрскоста што ја имав во себе ме водеше по патот по кој ја градев кариерата. Денес сигурно би била помудра за да си го олеснам патот до целта. Ама таа дрскост и младешката харизма можеби беа тоа што луѓето го препознаа во мене и го засакаа“, вели хрватската поп-пејачка.

Нина Бадриќ е пејачката што има продадено најмногу албуми во Хрватска. Зад себе има седум албуми,  а последниот го сними во 2011 година. Истата година ја сними и песната „Не кажувај либе добра ноќ“ заедно со браќата Тавитјан.

„Песната ја снимив за 5 минути во студио. Гаро и Диран, кога ја слушнаа снимката, ми рекоа само да го пеам зборот „ноќ“ со помеко „ќ“. Природно ми дојдоа и акцентот и текстот и зборовите. Вашиот јазик е многу мелодичен за пеење,“ рече Нина.

Ја преставуваше Хрватска на Евросонг во 2011 година. Евровизија ја памти како еден од најстресните периоди во своајта кариера.

„Тоа е натпревар на земји, не на песни. Доцна го сфатив тоа и фактот дека Евровизија не е фестивал за мене. Ама како можев да ја одбијам понудата на мојата земја да ја претставувам на вакво големо натпреварување. Тој повик е чест за секој музичар“, вели Бадриќ.

Освен што пее, Нина глумела во хрватски серии и во еден филм, а го позајмила и гласот за цртаниот филм „Мачорот во чизми“.

„Потешко ми беше да правам синхронизација. Супер ми беше, но многу тешко, оти синхронизирањето е како математика. Мораш во точно одредени кадри и секунди да го погодиш текстот. Многу е стресно“, ни раскажа Нина.

Андријана Јовановска

Scroll to Top