Американските служби објавија документ со кој тврдат дека Русија ќе ја нападне Украина со 175.000 војници

By

По шпекулациите дека рускиот претседател Владимир Путин подготвува инвазија на Украина, не стивнуваат тензиите меѓу Москва, Киев и Вашингтон. Американското разузнавање објави свои информации за плановите на Русија да ја нападне Украина. Според документите, кои се објавени во „Вашингтон пост“ се тврди дека офанзива што би била изведена на повеќе фронтови и би опфаќала 175.000 војници, а можела да се случи догодина.

dobivaj vesti na viber

Разузнувачкиот документ со мапа за можната инвазија, со наслов „Потенцијал за 175.000 руски сили во близина на Украина: докази за планирање и движење на артилерија, опрема и човечка сила“ е објавен од „Вашингтон пост“, а автентичноста на документот ја потврдија американски официјални лица.

Веќе извесно време е познато дека Русија трупа сили по должината на границата со Украина Силите се распоредени покрај старата граница, по должината на источната украинска покраина Донбас, која седум години е под контрола на руските сепаратисти, но и покрај новата, која настана со руската анексија на полуостровот Крим.

Путин рече дека има Америка ѝ се заканува на Русија со вежбите пшто ги изведуваат американските нуклеарни бомбардери кои летаат над Црното Море, но и со американските системи за ракетна одбрана во Полска и Романија.

„Потребни ни се прецизни правни гаранции бидејќи нашите западни колеги не ги почитуваа нивните усни обврски“, рече рускиот претседател додавајќи дека сите знаат oти се дадени усни гаранции за непроширување на НАТО на исток (по распадот на СССР), а во реалноста се прави токму спротивното.

Вашингтон, кој се закани со сериозни последици во случај на руска инвазија, се надева дека ќе ги смири тензиите и ќе постигне некаков договор со Москва на виртуелната средба меѓу Путин и американскиот претседател Џо Бајден. Самиот Бајден јавно го предупреди Путин да не интервенира воено во Украина и најави нови иницијативи за заштита на оваа источноевропска земја. Состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига, Латвија, минатата недела беше очигледно една од тие иницијативи.

„Плановите на Русија предвидуваат воена офанзива врз Украина уште на почетокот од 2022 година, со сили двојно поголеми од она што го видовме минатата пролет за време на вонредните руски вежби во близина на границите на Украина. Плановите вклучуваат опсежно движење на 100 тактички баталјони со околу 175.000 луѓе заедно со оклопни возила, артилерија и опрема“, изјавил претставник од американската администрација за „Вашингтон пост“ барајќи да остане анонимен за да може да ги открие овие чувствителни информации.

Некласифицираниот документ на американските разузнавачки служби објавен од овој американски весник, кој вклучува и сателитски фотографии, покажува како руските сили се собираат на четири места. Во моментот на бојното поле се распоредени 50 тактички групи заедно со новопристигнатите тенкови и артилерија, се вели во документот.

Во документот на американското разузнавање се наведува помал број руски војници од процената на нивните украински колеги.

Според американската процена, таа бројка во моментот е околу 70.000, но Американците истовремено предупредуваат на опсежното движење на баталјонските тактички групи кон и од границата со цел, како што се вели, да се прикријат намерите и да се создаде неизвесност.

Според украинската војска, бројот на руски војници распоредени по должината на украинската граница во моментот е околу 94.000 што, како што наведуваат украинските служби, веројатно не е доволно за успешна инвазија, но може да биде основа за подготовка за инвазија за многу кратко време.

Ќе ви се допадне