Британскиот суд одлучи да не им го испорача основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, на Американците, кои сакаат да му судат за шпионажа по објавените стотина илјади доверливи документи. За своите приврзаници, Асанж стана симбол за борба за слободата на информациите.
За неговата судбина одлучуваше судијата Ванеса Бараистер во судот „Олд Бејли“ во Лондон. На ваквата одлука може да следува жалба, така што судската битка во Велика Британија сигурно нема тука да заврши, пренесуваат медиумите.
Останува да се види каков ќе биде ставот на идниот американски претседател Џо Бајден кон основачот на „Викиликс“. Против Асанж е поведена постапка за време на претседателството на Доналд Трамп. За време на неговиот претходник Барак Обама, чиј потпретседател беше Бајден, американските судови се откажаа од гонење на Асанж.
По 10 години, Бајден го спореди Асанж со високотехнолошки терорист. Адвокатката Стела Морис, со која Асанж има две деца, во интервјуто за германскиот весник „Дер Шпигел“ изјавила дека во лондонскиот затвор за висока безбедност, „Белмарш“, каде што се држи Асанж, не се појавил негов адвокат од март. Таа рекла и дека неговата одбрана е хендикепирана.
„Но, доколку Асанж биде испорачан во САД, ситуацијата во затворот „Белмарш“ ќе биде ништо во споредба со условите во тамошните затвори“, изјавила таа.
Основачот на „Викиликс“ на 11 април 2019 година беше исфрлен од Амбасадата на Еквадор во Лондон, во која тој се засолни во 2012 година. Британската полиција веднаш го уапси откако властите во Еквадор решија да го исфрлат од Амбасадата.
САД побараа испорака на Асанж, кој се соочува со вкупно 18 точки од американските обвинувања, а доколку биде осуден за шпионажа и предавство поради издавањето на тајните државни документи за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан, на Австралиецот му се заканува казна затвор од 175 години.
САД му забележуваат на Асанж за тоа што ги изложил во опасност изворите на американските служби, нешто што тој го негира. Меѓу документите што ги објавил има и видео, во кое покажува како американски воен хеликоптер во Ирак убива цивили, меѓу кои и двајца новинари на агенцијата „Ројтерс“.
Британскиот суд треба да одлучи дали американското барање за испорака не исполнува одредени правни критериуми.
Кристин Храфншон, главниот уредник на „Викиликс“, за „Франс прес“ изјавил дека речиси е сигурено дека судот ќе се изјасни против Асанж и вели дека процедурата била пристрасна.
Во соопштението објавено овој викенд тој оценил дека самиот случај изведен пред судот и долгото траење претставува историски напад од високо ниво на слободата на изразување. За време на судењето во февруари и септември, адвокатите на Асанж го осудиле целиот случај нарекувајќи го политички процес заснован на лаги.