Џулијан Асанж би можел да се најде во најлошиот сојузен затвор во Америка, „Супермакс“, во Колорадо, каде што се едни од најозлогласените терористи. Во овој затвор, меѓу другите, се наоѓа и мексиканскиот и светски наркодилер Ел Чапо.
Асанж е обвинет за шпионажа. Во моментот во Велика Британија се води судски спор за негово испорачување.
„Ако Асанж биде испорачан во САД и осуден за шпионажа, тој веројатно ќе биде испратен во сојузниот затвор ‘Супермакс’ во Колорадо“, изјавила пред британскиот суд поранешната управничка на Казнено-поправниот центар „Метрополитен во Њујорк, Морин Бејрид.
Таа, сведочејќи пред судот кој одлучува за испорачувањето на Асанж во САД, изјавила дека за да излезе од овој затвор, основачот на „Викиликс“ веројатно треба да биде пред умирање.
Американските обвинители подигнаа обвиненија против 49-годишниот Австралијанец по 18 точки поради објавувањето тајни државни документи за кои е одредена максимална казна од 175 години затвор.
Во јуни Министерството за САД ги прошири обвиненијата против Асанж, во кои е наведено дека тој бил дел од заговорот со припадници на хакерска група и дека настојувал да регрутира и други хакери за да доставуваат доверливи информации за неговиот „Викиликс“.
Адвокатите на Асанж велат дека американските обвинувања се политички мотивирани и дека претставуваат злоупотреба на моќта, која ќе ги задуши слободните медиуми.
Тие тврдат дека Асанж како новинар има право на заштита врз основа на првиот амандман од американскиот устав и велат дека објавените документи ја разоткриле американската воена неправда.
Меѓу документите што ги објави „Викиликс“, има и видеоснимка од нападот со хеликоптер од типот Apache на американските сили од 2007 година во Багдад, во кој биле убиени 11 лица, вклучувајќи и двајца новинари на „Ројтерс“.
Адвокатите навеле дека Асанж страда од широк спектар на ментални проблеми, вклучувајќи ја и склоноста на самоубиство, што во тешки затворски услови во САД дополнително ќе ја влоши неговата состојба.
Бејрид изјавила дека Асанж, веројатно, ќе се соочи со најтешките затворски услови што може да бидат наметнати во САД, услови што може да доведат до низа ментални проблеми, вклучувајќи ги и анксиозноста и паранојата.
„Од лично искуство, кое го имам во тридецениската работа во сојузните затвори, можам да се согласам дека долготрајната изолација може да има сериозни негативни ефекти врз менталното здравје на затвореникот“, изјавила таа.
Таа изјавила дека Асанж, веројатно, ќе биде држен под посебни административни мерки ако биде испорачан на САД, како и во истражен притвор и по осудувачката пресуда, поради загриженоста на американската влада за национална безбедност.
Според овие мерки, кои се дискреционо право на американскиот државен обвинител и кои се користени за осудување терористи, затворениците речиси по цел ден минуваат затворени во ќелиите, без контакт со други затвореници и надворешниот свет.
Со оглед дека, најверојатно, ќе бидат побарани посебни административни мерки, Бејирд изјавила дека Асанж, веројатно, ќе заврши во Казнено-поправниот затвор „ADX“ во Колорадо, освен ако не се случат сериозни промени во неговиот медицински статус.
Повикувајќи се на примерот на осудените терористи Мустафа Камела Мустафа, Бејирд изјавила дека Асанж мора да биде речиси пред умирање за да биде префрлен во друга установа.
Мустафа, кој е познат како Абу Хамза, поранешн свештеник во џамија во Лондон, бил испорачан од Велика Британија во САД во 2012 година. Му биле ампутирани двете раце и е слеп на едното око. Посебните административни мерки му се наметнати набргу по испорачувањето.
Во последните пет години бил сместен во посебна безбедна единица (ADX). Сослушувањето на Асанж за испорачувањето, кое го одложи пандемијата на коронавирусот, требало да заврши оваа недела.
„Супермакс“ се смета за најбезбедната американска казнена установа. Тука се сместени некои од најозлогласените криминалци во земјата.
Во овој затвор казни издржуваат мексиканскиот наркобос Хоакин Ел Чапо Гузман, Закаријас Мусауи, припадник на Ал каеда, кој помогнал во планирањето на нападите од 11 септември 2001 година, Рамзи Јусеф, кој е одговорен за бомбардирањето на Светскиот трговски центар од 1993 година.