Научници направија необичен експеримент: Обичен јогурт на прозорците може да го разлади домот и до 3,5 степени

Во време кога летните температури достигнуваат екстремни вредности, а многумина бараат евтини начини за разладување на домот, британски научник тестирал решение кое на прв поглед звучи навистина необично – премачкување на надворешната страна на прозорците со обичен јогурт.

Иако идејата може да звучи како уште еден интернет-трик, зад неа стои експеримент спроведен во контролирани услови. Резултатите покажале дека ваквиот слој може да ја намали температурата во домот, а во особено сончеви и жешки денови разликата достигнувала дури 3,5 Целзиусови степени.

Како јогуртот може да го спречи загревањето на домот?

Идејата ја истражувал д-р Бен Робертс, виш предавач за здрави згради на Универзитетот Лафборо во Велика Британија. Неговата цел била да пронајде евтини и лесно достапни начини за намалување на прегревањето на домовите за време на топлотните бранови.

Едно од решенијата било нанесување тенок слој јогурт на надворешната страна од прозорското стакло.

По нанесувањето, јогуртот брзо се суши и создава тенок слој што одбива дел од сончевото зрачење. На тој начин, помала количина сончева енергија продира низ стаклото и ја загрева внатрешноста на објектот.

Д-р Робертс објаснил дека еден од најголемите проблеми за време на топлотните бранови е тоа што домовите во текот на денот акумулираат голема количина топлина.

„Не успеваме да ги разладиме куќите во текот на денот. Тоа претставува голем проблем за многу луѓе, па почнавме да истражуваме решенија за засенчување, односно начини како да спречиме Сонцето да ја загрева внатрешноста на домот“, објаснил тој за Би-би-си.

Две идентични куќи, но различни температури

За да утврди дали необичната метода навистина функционира, истражувачот спровел експеримент на две идентични тест-куќи.

На надворешната страна од прозорците на едната куќа бил нанесен слој јогурт, додека прозорците на другата останале непроменети. Потоа биле следени и споредувани температурите во двата објекти.

Резултатите покажале дека просечната температура во куќата со прозорци премачкани со јогурт била за околу 0,6 степени пониска.

Сепак, најголемата разлика била забележана во особено сончевите и жешки периоди. Тогаш температурата во заштитената куќа била пониска за дури 3,5 Целзиусови степени.

А што е со мирисот?

Една од првите дилеми што се наметнува е дали јогуртот оставен на жешко стакло би почнал непријатно да мириса.

Според д-р Робертс, во експериментот тоа не претставувало проблем. Тој тврди дека тенкиот слој јогурт се исушил за приближно 30 секунди, а по сушењето немало забележлив непријатен мирис.

Сепак, идејата не ги воодушевила сите.

Откако британската потрошувачка организација „Which?“ објавила видео за експериментот, на социјалните мрежи следувале бројни скептични реакции.

„Тоа би мирисало ужасно“, напишал еден корисник, додека друг се пошегувал дека „мувите ќе го обожаваат“. Трет едноставно порачал: „Ние ова нема да го правиме“.

Алуминиумската фолија се покажала уште поефикасна

За оние на кои идејата за премачкување на прозорците со јогурт им изгледа премногу необично, експериментите понудиле и друга алтернатива.

Според резултатите, алуминумската фолија поставена на прозорците може да биде уште поефикасна во спречувањето на сончевата топлина да навлезе во домот.

Во тестирањата, со ова решение температурата во внатрешноста на објектот била намалена за дури шест Целзиусови степени – речиси двојно повеќе од максималниот ефект забележан со јогуртот.

Експериментот уште еднаш покажува колку големо влијание има директното сончево зрачење низ прозорците врз температурата во домот. Иако јогуртот веројатно нема наскоро да стане вообичаена „летна изолација“, резултатите ја нагласуваат важноста на надворешното засенчување и рефлектирањето на сончевата светлина како едноставни начини за намалување на прегревањето за време на екстремните летни горештини.

Scroll to Top