Епл се закани дека ќе ја отстрани „Парлер“ од Епл стор, доколку наскоро не ја промени својата политика за ублажување на содржините кои се објавуваат на оваа социјална мрежа.
„Парлер“ е особено популарна меѓу приврзаниците на Трамп, конзервативците, десничарите и теоретичарите на заговор. Многумина се префрлија на истата, откако беа суспендирани од страна на „Твитер“ и другите социјални мрежи поради нивните објави.
Од тимот за прегледи на Епл стор, до „Парлер“ било испратено писмо. Во него биле наведени примери во кои социјалната мрежа била искористена за планирање на заминувањето на демонстрантите кон Вашингтон со оружје по упадот во зградата на американскиот Конгрес.
„Се чини дека мрежата „Парлер“ продолжува да се користи за планирање и организирање на понатамошни незаконски и опасни активности. Социјалните мрежи не смеат да се користат за координирање на бунт и насилство”, се наведува во писмото.