„Фејсбук“ го избрал профитот на сметка на сузбивање на говорот на омраза, открива свиркачот Фенис Хоген, која работела како менаџер во компанијата на Цукерберг.
Хоген во неделата во телевизиската програма „60 минути“ ја обвини компанијата во која работела дека во повеќе наврати им давала предност на профитот над сузбивањето на говорот на омраза и дезинформациите. Таа рече дека биле поднесени најмалку осум тужби од американскиот регулатор за хартии од вредност.
Хоген била една од менаџерите во компанијата на Цукерберг и смета дека синоќешниот пад на „Фејсбук“ е поврзан со политиката што ја води.
Илјадници корисници синоќа пријавија проблеми со „Гугл“, „Амазон“, „Тик-ток“, „Зум“, „Твитер“, „Снепчет“, „Редит“ и други апликации, а без интернет останаа десетици илјади корисници на големите компании, како што се „Верајзон“, „Т-мобиле“ и АТ&T.
Таа помогнала и во инцирањето на истрагата на „Волстрит џурнал“ и на сослушувањето во Сенатот за штетата што „Инстаграм“ им ја нанесувал на тинејџерките.
„Фејсбук“ бил на удар на критики откако интерни документи што ги објави „Волстрит џурнал“ покажале дека компанијата била свесна дека „Инстаграм“ му штети на менталното здравје на младите корисници.
Хоген сведочела и пред еден пододбор на Сенатот на рочиштето со име „Заштита на децата на мрежата“, на која се говори за влијанието на „Инстаграм“ што го прави врз менталното здравје на младите корисници.
„Имаше конфликт на интерес меѓу она што е добро за јавноста и тоа што е добро за ‘Фејсбук’. И ‘Фејсбук’ секогаш од почетокот ги избираше своите интереси, како што е заработувачката на пари“, рече таа.
Хоген, која претходно работела и во „Гугл“ и во „Пинтерест“, изјавила дека „Фејсбук“ ја лажел јавноста во напредокот што го постигнал во сузбивањето на говорот на омраза и дезинформации на својата платформа.