Турскиот претседател Таип Ердоган избегнал атентат на митинг во Турција, пренесоа тамошните медиуми. Надлежните пронашле бомба која била закачена под автомобилот на полицаец кој бил задолжен да го заштити во градот Сирт на југоистокот од Турција.
Бомбата била пронајдена само неколку моменти пред почетокот на митингот, пренесоа турските медиуми. Бомбата ја забележал пријател на полицаецот. Таа била тргната и деактивирана без никакви повреди на полицајците, соопштија надлежните служби.
Истражителите и понатаму бараат траги за да утврдат кој би можел да ја постави. Полицаецот под чие возило се нашла бомбата бил припадник на турската полиција за борба против нередите во провинцијата Мардин.