Германската влада смета дека рускиот опозиционер Алексеј Навални е отруен. Навални, кој во моментов се наоѓа во болница во Берлин, беше жртва на труење, изјавил портпаролот на владата, Штефен Зајберт.
„Станува збор за пациент кој веројатно бил жртва на напад на труење. Сомнежите дека Навални самиот се отрул се неточни, некој го има отруено. Германската влада ваквите сомнежи ги смета за сериозни“, изјавил Зајберт пред новинарите.
„Клиничките докази упатуваат на труење со супстанца што припаѓа на групата инхибитори колиностераза. Неговата состојба е сериозна, но неговиот живот не е загрозен“, се вели во соопштението на болницата „Чарите“.
Тој им објасни зошто владата била принудена пред болницата да постави полициско обезбедување. Портпаролот исто така изјавил дека немало официјален повик до германската влада и дека Навални влегол многу брзо во земјата, од хуман апсект и на барање на неговото семејство.
Главниот противник кој ја разоткри корупцијата на руската елита во Кремљ бил хоспитализиран во четвртокот во Омск, откако претходно му се слошило. Во саботата бил веднаш префрлен во Берлин. Неговите соработници се убедени дека тој бил отруен.
За разлика од нив и германските власти, лекарите во болницата во Омск, кои му го спасиле животот, денеска имаа конференција за новинарите, на која уште еднаш категорично соопштија дека во неговата крв и урина не бил откриен никаков отров.
„Во три лаборатории е направена анализа на крвта и во ниту една од нив не е откриена трага на отров. Успеавме да ја стабилизираме неоговата состојба, па тој можеше да полета со авион за Берлин“, изјавил раководителот во болницата во Омск, Александар Мураховски, и неговиот заменик, доктор Анатолиј Калјченко.
Руските лекари се гневни на коментарите на поедини колеги кои сметале дека требало да се објават анализите од крвта на Навални. Според рускиот закон, резултати од анализа не смеат да се објавуваат без одобрение на пациентите или неговите најблиски во семејството
Лекарите во Омск истакнуваат дека со Навлани се однесувале исто како што се однесуваат кон сите други пациенти.