Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ бил на мета на криминални организации, кои се занимавале со големи финансиски измами. Тие креирале интернет страница, за да ја промовираат дигиталната валута, биткоинот, а за таа цел измислиле интервју со Новак Ѓоковиќ.
Во интервјуто, Ѓоковиќ наводно ги повикува сите граѓани да инвестираат во биткоинот. На тој начин тенисерот вели дека ќе се збогатат преку ноќ. Во измислениот текст тој објаснил дека, трговијата со биткоин, бил неговиот главен начин на заработка.
„Мојот начин да заработувам пари е новата програма за автоматско тргување со криптовалути наречена „ера на Биткоин“. Тоа е најдобрата можност да стекнам богатство за краток временски период. Ги поканувам сите да го пробаат пред банките да го затворат“, пишувало во текстот.
Ѓоковиќ објаснува дека тоа биле најголемите и најлесни пари кои некогаш ги заработил. Станувало збор за десетици илјади динари. Тенисерот потоа наводно вели дека трговијата со биткоини немало да трае долго, затоа што сè повеќе луѓе се ангажираат околу тоа.
Криминалците одат дотаму, што во наводното интервју напишале дека банките во иднина ќе се затворат засекогаш, а дека Новак во интервјуто им понудил и докази за тоа.
Екипата на Новак досега не реагирала на оваа измама, иако измисленото интервју со тенисерот до ден денес се појавува на интернет како реклама.