Каков би ни бил животот, ако земјата е рамна плоча?

Веќе илјадници години луѓето се свесни за обликот на планетата Земја. Аристотел и Ерастотен беа на чекор до откривање на вистинската форма на Земјата уште пред нашата ера, но сега некои „експерти“ тврдат дека живееме на рамна плоча.

Идејата дека Земјата е рамна плоча се шири сѐ повеќе, а „рамноземјашите“ тврдат дека сите научни докази за обликот на нашата планета се лажни или погрешно интерпретирани.

Тие веруваат дека Земјата е центарот на Сончевиот Систем и дека сите други планети, како и Сонцето, кружат околу неа. Според нив, Северниот Пол се наоѓа во центарот на рамната плоча, а надворешниот раб од неа преставува масивна ледена површина.

Сонцето не изгрева и не заоѓа, туку свети како рефлектор и осветлува различни делови од планетата во текот на целиот ден. Тие тврдат дека она што ние го доживуваме како изгрејсонце и зајдисонце е всушност само наша сопствена перцепција…што и да значи тоа.

Вака би изгледал животот на Земјата ако таа беше рамна плоча:

Не би можеле да паднеме од работ на Земјата

Според научното објаснување, гравитацијата е сила која планетата (или кое било тело) ја користи за да привлече објекти кон неговото јадро.

Бидејќи Земјата е топчеста, нејзината гравитација ги привлекува објектите кон средината. Но, доколку таа беше рамна, одењето кон работ на Земјата би било како искачување низ стрмна планина. Гравитацијата ќе ве влече кон центарот, што значи дека нема да паднете од Земјата.

Затемнувањето на Месечината би било досадно

Сенката која поминува преку Месечината за време на затемнувањето е еден од доказите дека Земјата е топчеста. Ако Земјата беше рамна плочка, на Месечината ќе се исцрташе само една тенка, права линија.

Спортовите би станале многу чудни 

На рамната Земја сите спортови би требало да се играат само во близина на нејзиното средиште, каде гравитацијата би се однесувала како и кај топчестата Земја. На таква Земја, спортските активности треба да се одржуваат на Северниот пол.

Ако на пример, спортовите со топка се одржуваат блиску до рабовите на Земјата, топката фрлена во височина би се вратила назад кон центарот на рамната плоча.

Географијата би била многу поразлична

Само на Северниот Пол гравитацијата би функционирала нормално. Таму не би имало мраз. Тоа би било влажно место бидејќи искривената гравитација ќе оневозможи постоење на вода на рабовите на планетата. Водата би патувала кон средиштето, па на тој начин единственото нормално место на Земјата би било ненаселено.

Рабовите на Земјата би биле чудни места

Кога Земјата би била рамна плоча, на нејзините краеви веројатно би постоела некоја чудна шума. Дрвјата би растеле обратно од гравитацијата, па така на овие места каде гравитацијата влече под одреден агол, дрвјата би растеле дијагонално.

Би можеле да го видиме Сонцето навечер

Бидејќи Земјата ја замисливме како рамна плоча, Сонцето би било многу помало и многу поблиску до планетата – слично како Месечината. Сонцето би се однесувало како рефлектор кој испраќа светлосни зраци, додека сите останати места остануваат во мрак.

Според сите овие претпоставки и наоди за животот на рамната Земја, време е да заклучиме дека животот не би бил можен на една таква планета.

Извор/УСБ/Klix.ba

Scroll to Top