Професор по сензорна биологија од универзитетот Линколн во САД, Фернандо Монтеалегре Запат, ги отфрлил теориите дека персоналот на американската амбасада во Куба во 2017 година бил цел на сонично оружје.
Откако во амбасадата пред две години се појавила мистериозна болест, многумина теоретичари на заговор верувале дека станува збор за однапред испланиран напад од Кубанците врз американскиот персонал.
Овие теории особено се засилија откако агенцијата „Асошиејтед прес“ објавила аудиоснимка со континуиран високофреквентен звук, кој го снимил американскиот персонал на Куба.
Последната анализа на снимката го открила она што британските и американски научници го сметаат за извор на звукот. Фернандо тврди дека станува збор за звук создаден од индиски штурец со краток опаш.
„На снимката дефинитивно се слуша звук од индиски штурец“, вели Фернандо Монтеалегре.
„Овој инсект создава звук од 7 KHz, кој патува со необична голема брзина. Поради тоа луѓето имаат чувство дека постојано слушаат остар звук“, вели професорот потсетувајќи се на детството минато во Латинска Америка.
Фернандо како дете собирал инсекти слични на тој што се слуша на снимката. Тој ги чувал во својата соба. Фернандо вели дека една вечер додека спиел го разбудил некаков остар силен звук. Подоцна открил дека станува збор за штурец мажјак, кој ја довикувал женката. Иако веднаш го отстранил инсектот од својата соба, Фернандо вели дека и понатаму можел да го слушне неговиот звук.
„Не сум изненаден што ваквиот звук може да ги вознемири луѓето кои не навикнале претходно на звуци од инсекти. Идентификацијата на овој звук не значи дека не се случил нападот врз персоналот во американската амбасада во Куба, но фрла сомнеж на тврдењата дека ваквиот звук е одговорен за здравствените проблеми на дипломатскиот персонал. Причината и самата природа на болест и понатаму остануваат непознати“, вели Фернандо.
Во изјавите од персоналот може да се забележи дека секој посебно го објаснил и го доживеал ваквиот звук. Во најновата студија, Фернандо со неговиот колега и пријател Александер Стабс се обиделе да ги пребараат сите научни бази на податоци за да го пронајдат инсектот чиј звук одговара на оној што бил снимен во амбасадата.
Научниците откриле дека звукот што го произведувал индискиот штурец најмногу одговара на звукот на снимката и дека се неверојатно слични, но дека не се поклопуваат во целост. Звукот што бил снимен во Хавана имал нееднаква пулсна структура, која не била забележана кај ниту еден вид звук направен од инсект.
Научниците сметаат дека проблемот можеби е во околината во која е снимен звукот. Некои научници имаат тенденција да го снимаат звукот на инсектите во природно опкружување, додека дипломатите кои се пожалиле на звукот биле во затворена просторија.
Доколку снимката што ја објавил „Асошиејтед прес“ е снимена во затворен простор, тогаш тоа би можело да биде објаснувањето за нееднаквата структура, односно научниците објаснуваат дека станува збор за одбивање на звукот од ѕидовите, подот и таванот.
Ваквата теорија подоцна се покажала исправна откако бил снимен звукот на индиски штурец во затворен простор, кој се совпаднал со звукот што се појавил на снимката на американскиот дипломатски персонал во Куба.