Иако Бил и Мелинда Гејтс неодамна изјавија дека се разведуваат, тој процес бил почнат уште пред две години, далеку од очите на јавноста, пренесува „Волстрит журнал“.
Мелинда Гејтс била таа која ангажирала адвокати велејќи дека нивниот брак бил неповратно скршен, а минатата недела брачната двојка јавно соопшти дека ги предала документите за развод. Во меѓувреме, соработувала со адвокати од неколку фирми.
Иако не е официјално соопштена причината за разводот, американските медиуми, повикувајќи се на неименуван извор, близок до двојката, пренесуваат дека причината за разделбата е Џефри Епстајн, осудениот американски педофил, кој се обеси во својата ќелија во Њујорк.
Документите покажуваат дека семејството Гејтс, кое има три деца, за имотот преговарале во периодот на пандемијата со коронавирусот. Како што пренесуваат медиумите, Мелинда со нејзините советници во октомври 2019 година добила неколку телефонски повици.
Тогаш во „Њујорк Тајмс“ се појавила приказна дека Гејтс се состанувал со Епстајн неколку пати и дека во една прилика, тој останал доцна во ноќта во нгеовиот апартман на Менхетен.
Тогаш портпаролката на Бил, Бриџит Арнолд, изјавила дека двајцата се сретнале за да разговараат за филантропијата.
„Бил Гејтс жали што се состана со Епстајн и признава дека тоа беше грешка“, изјавила тогша Бриџит.
За потсетување, Џефри Епстајн почина во август 2019 година, во затвор во Њујорк, каде го чекаше судењето по обвинението за сексуално злоставување и подведување малолетнички.
Мелинда, инаку е голем борец за правата на жените и девојчињата и таа му кажала на Бил дека Епстајн им донел немир во семејството, по состанокот кој го имале во 2013 година. Но, и покрај тоа, Бил продолжил да се состанува со Гејтс.
Досега и Мелинда и Бил не се огласиле за причините за разводот. Како што пренесува „Волстрит журнал“, на почетокот на 2020 година, двојката се изненадила кога не се појавиле на Светскиот економски форум во Давос, а неколку месеци подоцна, Гејтс се повлекол од одборот за корпорација на „Мајкрософт“, а во тоа време, сопружниците веќе влегле во преговори за поделба на имотот.
Епстајн наводно тврдел дека е даночен советник за „Мајкрософт“, е наведено во текст на „Њујорк Тајмс“, од 2019 година, иако портпаролот на компанијата подоцна го негирал ова тврдење.
Друга приказна, која излегла истата година, е дека Бил почнал да се состанува со Епстајн уште во 2011 година и тоа во повеќе наврати. Епстајн наводно разговарал со Бил за проекти од филантропијата и се обидел да упати нов добротворен фонд во Гејтс фондацијата и менаџерите на ЈПМорган, пренесува „Тајмс“.
„Ако го прашате Бил Гејтс за криминалот на Епстајн ќе ви каже дека сериозно се сомневал во неговиот морален карактер“, вели негов анонимен соработник за „Дејли бист“.
„Волстрит журнал“ наведува дека Гејтс и Епстајн првпат се запознале во 2011 година, неколку години откако Епстајн постигнал спогодба со властите поради наведување на малолетнички на проституција.
Епстајн, кој според официјалниот извештај, извршил самоубиство во затвор во 2019 година, (иако има и такви кои се сомневаат во тоа), бил обвинет за сексуална трговија со малолетнички. Во својата вила на Менхетен и во Палм Бич, тој носел голем број малолетни девојки.
По неговото апсење, биле откриени стотици експлицитни фотографии со малолетни девојки, а како се клопчето се одмотувало, бројни познати и влијателни личности биле доведени во врска со пирамидалната педофилска шема која Епстајн ја организирал.