Момчило Мандиќ, некогашен близок соработник на поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој беше министер за правда за времето на неговото владеење, по две децении молк, реши да проговори за најтешките денови во Југославија во 1990-тите.
Човекот кој со години се сметаше за контроверзен политичар, за српски „Курир“ откри што се случувало на состанокот на државниот врв на кој беше донесена одлука за судбината на Бања Лука во 1995 година, и за разговорот меѓу тогашните претседатели на Србија и Хрватска, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман.
„Морам да признаам, да не беа Србија и Милошевиќ, немаше да има ни Република Српска. Србија нè хранеше, ни даде оружје, ги смести нашите семејства тука за време на војната. Со Милошевиќ не се среќавав често. Јас бев претежно во некои делегации со Момчило Крајишник, а последен пат беше во 1995 година кога падна Краина. Милошевиќ, Крајишник, Јовица Станишиќ, Баџа Стојичиќ, Момчило Перишиќ и јас бевме таму. Да не беше Милошевиќ, Бања Лука ќе паднеше. Бев дел од состанокот во Белград, го слушав телефонскиот разговор помеѓу Милошевиќ и Туѓман. Милошевиќ тогаш му рече на Туѓман: ‘Ако твоите влезат на 100 метри од градот, јас ќе пуштам авиони во Загреб’. Тогаш Слободан го вклучи телефонот на спикерфон за да можеме сите да го чуеме Туѓман како разговара со генералот Анте Готовина, кој рече: ‘Претседателе, ќе бидам во Господска (главната улица во Бања Лука) за 15 минути’, спремен да нападне. Но, тогаш интервенираше и Ричард Холбрук, кој на Хрватите им кажа дека нема да ги брани и дека целата поддршка ќе ја префрли на другата страна, а дека Србите ќе стигнат до Загреб. Холбрук и Милошевиќ ја спасија Бања Лука. На таа средба, исто така, видов дека владата на Србија почнува да се распаѓа“, раскажал во интервјуто.
Во јавноста долго време кружеа теории дека Туѓман и Милошевиќ всушност имале договор во врска со воениот конфликт меѓу двете земји.
„Беа блиски, си се обраќаа еден на друг со имиња. Но не знам за што се согласија, а за што не“, додал тој.