Напаѓачот на свештеникот во Лион е пуштен на слобода

Француската полиција го пушти на слобода главниот осомничен за нападот на свештеникот на Грчката православна црква и ја прошири потрагата по вооружениот маж кој го рани свештеникот додека ја затворал вратата на црквата во Лион.

Во соопштението од канцеларијата на обвинителот во Лион е наведено дека мажот кој бил уапсен набрзо по пукањето во саботата е ослободен затоа што не бил пронајден ниту еден доказ за неговата вмешаност во нападот.

Обвинителот е убеден дека вистинскиот напаѓач на свештеникот и понатаму е на слобода, пренесува „Асошиетед прес“.

Свештеникот Николаос Какавелакис, кој беше погоден со ловечка пушка, и понатаму е во критична состојба, навел неименуван полициски службеник. Мотивот за нападот засега не е познат, пренесува агенцијата „Асошиетед прес“.

Обвинителството за борба против тероризмот не го истражува случајот, а истрагата за обид за убиство ја отвори обвинителот од Лион. Нападот се случи во моментот кога францускиот државен врв прогласи највисок степен на безбедносен ризик поради трикратното убиство во Ница.

Убиствата се случија во една црква во Ница во четврткот, но и во екот на максималната глобална тензија по повод карикатурата на пророкот Мухамед што ја објави францускиот печат, а беше осудено од бројни држави во кои мнозинството се муслимани.

На сето тоа, во грчката заедница во Лион расте тензијата поради долгогодишниот правен спор меѓу еден поранешен искушеник во грчката епархија во Лион и ранетиот свештеник Какавелаксис, пренесува „Асошиетед прес“.

Во соопштението на Лионската епархија на Грчката православна црква се вели дека ранетиот свештеник Какавелакис наскоро требало да се врати во Грција и најостро ги осуди сите форми на насилство.

Scroll to Top