Од обичен административец до најбараниот човек во САД, објавени мемоарите на Сноуден

Најпознатиот американски шпион Едвард Сноуден во моментов се крие во Москва. Тој побегна од САД, а последните неколку дена, по подолг период, тој даде неколку интервјуа за најголемите светски медиуми.

Медиумите за кои Сноуден даде интервју, му ја испечатија и неговата книга во која ги забележал своите мемоари. Сноуден денес раскажува дека живее во Москва, каде пристигнал пред шест години. Тој открива дека се плаши дека ќе биде пронајден од неговите поранешни работодавци. Се плаши од тајните служби и за својот живот.

Вели дека се обидува да живее нормален живот, иако тоа изгледа неостварливо, затоа што живее на тајна адреса. Сноуден го потресе светот во 2013 година. Тој работел за агенцијата DELL, а бил ангажиран и како хонорарец во ЦИА. Таму добил увид во строго чуваните документи за Националната безбедносна агенција (NSA).

Сноуден работел на прислушкување и следење на граѓаните преку компјутерски екран и телефон. Имал пристап до целата е-пошта, СМС-пораки. Тогаш сфатил дека најгрубо ја крши приватноста на луѓето, нешто од што бил многу разочаран. Сноуден одлучил дека не сака да биде дел од тој систем.

Се обидел да ги предупреди шефовите, но во тие моменти не му обрнувале многу внимание. Тогаш Сноуден собрал повеќе од илјада документи и докази за тајните служби и незаконското следење на обичните граѓани. Потоа следел отказ во NSA во огранокот на Хаваи.

Сноуден на 20 мај 2013 година заминал во Хонконг. Десет дена подоцна, на новинарите Глен Гринвалд, Лори Поитрас и Јуена Мекаскил, за првпат им ги открил класифицираните документи кои ги зел со себе и кои биле доказ за незаконското следење над граѓаните од страна на американските и британските тајни агенции.

Во своите мемоари Сноуден пишува и за документите кои наскоро ќе бидат објавени во весниците „Гардијан“ и „Вашингтон пост“. Сноуден открил докази и во „Шпигл“ и „Њујорк тајмс“, па на 21 јуни 2013 година, на неговиот 30. роденден, американското Министерство за правосудство подигнало обвинение против него за шпионажа и кражба на владин имот. САД му го укинале пасошот и тогаш почнал ловот, открива Сноуден.

Сноуден од Хонгконг патува за Москва, каде што бара азил. Бил свесен дека ако го фатат и вратат во Америка, би можел да мине во затвор неколку децении. Повеќе од месец дена живеел на аеродромот Шереметјев, а потоа Русите му одобриле азил. Сноуден во Русија можел да остане до 2020 година. Сноуден вели дека во меѓувреме се оженил и планира во Русија да остане подолг период.

Во интервјуто за „Гардијан“, Сноуден открива дека непријателството во САД кое го имаат кон него досега е спласнато и дека и неговите најжестоки критичари признале дека по неговите откритија сите живееме во еден подобар, послободен и побезбеден свет.

Во мемоарите кои ги објави деновиве, под името Permanent record, Сноуден открива и многу незгодни факти за  себеси и работата која го терале да ја прави.

„Најлоша работа што ја сфатив подоцна е дека бев многу наивен и полн со верба во луѓето. Не бев свесен колку тоа може да ме претвори во алат-систем кој ќе ги користи моите вештини за да направи глобална штета. И јас бев дел од таа глобална технолошка заедница. Нашата историја на размислување е ‘да го направиме светот подобар’. А потоа со сплетот на околностите, сфатив што всушност работам“, открива Сноуден.

„Морате да знаете дека на почетокот работев за ЦИА и не знаев за масовното набљудување. Дури кога ме вратија во седиштето на NSA, од каде на крајот дадов отказ, добив задача да работам со тој алат за набљудување. Ми се појави тип пред мене, кој ме подучуваше да работам на програмата Prism. Понекогаш се вртеше на столот и се забавуваше покажувајќи ми голи луѓе. Кога ќе се појавеше на екранот гола девојка или жена на човекот кој го следевме, задоволно ќе викнеше: Бонус!“, открива Сноуден.

На прашањето кога бил пресврниот момент кога сфатил дека тоа повеќе не може да го работи, Сноуден вели дека работите почнал да ги разобличува постепено.

„Сфатив дека користам алати за масовно набљудување. Но, сето тоа беше апстрактно. Оддеднаш  гледате личност која  ве гледа низ екран. Таа, се разбира, не знае дека е набљудувана. Но, сфаќате дека додека луѓето од компјутерскиот систем нешто читаат, ние ги читаме нив. Ми требаше цела вечност да развијам чувство на скепса и нелагодност. Оддеднаш работите почнаа да ми стануваат појасни. Сè повеќе ја гледате контрадакцијата меѓу она што вашите работодавци ви го кажуваат и она што всушност го прават“, открива Сноуден.

Тој открива и неколку конкретни примери како изгледала една таква ситуација, објаснувајќи дека состојбата повеќе наликувала на Орвеловиот „Голем брат“.

„На пример, ќе следевме некој компутер во библиотека и ќе ја вклучевме камерата за да ги набљудуваме корисниците. Ќе снимевме материли, ќе ја подготвевме дадотеката на видеозаписот во случај подоцна таа личност да стане интересна за следење. Имаме неколку такви фотографии од ирачки сајбер-кафеа. Така наидов на снимка од едно момче, инженер во Југоисточна Азија, за кое се сомневавме дека е поврзан со нуклеарна програма или сајбер-напад. Не се сеќавам многу на случајот, но знам дека тоа се пријави за работа на некој универзитет. Главно секогаш постои некое оправдување зошто  треба некого да го снимаме. Таков пример беше и со човек кој додека го следевме, во скут го држеше своето дете, кое невино стискаше на копчињата по тастатурата“, се присетува Сноуден.

Тој вели дека поради таквата работа тој никогаш не паднал во депресија, ниту имал суицидални мисли.

„Не, ова е многу важно да се каже. Ниту тогаш, ниту сега сум помислил да се самоубијам. Имам филозофски приговор на идејата за самоубиство и ако ми се случи да паднам од прозорец, можете да бидете сигурни дека тоа е затоа што некој ме турнал“, вели Сноуден.

На прашањето зошто сега ги напишал мемоарите, Сноуден вели дека имал потреба да ѝ открие на јавноста дека системот на масовно набљудување е и масовна манипулација. Тој не може да објасни како настанале овие системи.

„Пред четири години претседател на САД беше Барак Обама. Пред четири години Борис Џонсон не беше премиер на Велика Британија, а AFD, германската десничарска популистичка партија Алтернатива за Германија беше еден вид  шега. Но, сега никој не се смее повеќе. Кога го гледате светот, кога ја гледате растечката поделба на општеството, кога ќе го видите овој нов бран на автократи кој се надвива над многу земји, никој не се смее.

Политичките и комерцијалните класи сфаќаат дека можат да ја користат технологијата за да влијаат на светот во таков обем каков што претходно не беше можен. Гледаме дека нашите политички, правни и социјални системи се нападнати.

Безбедносните камери се во опасност

Во мемоарите Сноуден детално ја опишува позадината на целата афера и она што го довело до тоа да ги открие деталите за тајните програми кои ги спроведувале американската NSA и британскиот Владин централен штаб за комуникација. Овие 18 години од нападот на 11 септември, Сноуден опишува како САД врши самоуништување со создавање  тајни политики, тајни закони, тајни судови и тајни војни.

Сноуден предупредува дека најголемата опасност е пред нас.

„Тој вели дека префинетата способност на вештачката интелигенција, како препознавање на лицата и причините, потоа безбедносните камери опремени со вештачка интелигенција нема да бидат само направи за снимање, туку би можеле да се претворат во нешто како што е автоматизиран полицаец“, вели Сноуден.

Тој е загрижен дека американската и другите влади со помош на големи интернет-компании ќе почнат да создаваат трајни записи за сите луѓе на земјата, бележејќи го нивниот секојдневен живот.

„Мислам дека еден од најголемите проблеми во светот на шпионажата е тоа што известувачките податоци не се откажуваат од скриените акции, пропагандата и влијанијата. Тајните служби ни се потребни. Тие ја намалуваат веројатноста на војна. Проблемот е кога тие служби ќе станат институции кои не реагираат на желбите на законодавците, креаторите на политики и јавноста, туку се насочени кон други цели. Тие секогаш ќе наоѓаат оправдувања. Ќе се закануваат дека ако не ја работат работата како што ја работат, многу луѓе ќе загинат. Но, тоа речиси никогаш не е вистина. Мораме да го запреме процесот на собирање податоци. Ако целото време гледате на светот како опасност, тоа е проблематично. Тоа го менува карактерот на општеството“, вели Сноуден.

Вашиот мобилен секоја минута испраќа илјадници информации

На прашањето дали интернетот е лош алат, Сноуден вели дека не е. Дека тој функционира извонредно, но го водат погрешни луѓе.

„Што имаме денес? Ги имаме ‘Фејсбук’, ‘Гугл’, големи центри на податоци и цел свет, а тие момци со далечинско ги управуваат нашите компјутери“, вели Сноуден.

Своите прашање ги поставувате на „Гугл“. Кога ќе пребарувате некој пат гледајте на гугл-мапата. „Гугл“ ги преработува барањата и дава одговори. Истото е и со препознавање на гласот, Siri, Aleksa и другите. Но, денес телефоните имаат поголем капацитет и се поспособни од кога било претходно.

„Моето прашање е зошто ‘Гугл’ мора да знае каде пазарувате. Тоа не е потребно ако апликацијата на географската карта функционира. Погледнете го вашиот мобилен. Можете ли да ми кажете што прави додека екранот е исклучент? Со својот авторитет и искуство, можам да ви кажам дека тој телефон комуницира стотица или илјада пати во секоја минута. Се поврзува со огласната мрежа, го анализира вашето однесување, ја открива вашата локација и слично. Главниот проблем е во тоа што, тоа се прави без ваше знаење и одобрување. Да претпоставиме дека едноставно можете да ја тргнете иконата и сите скриени активности да престанат. Дали би го направиле тоа? Не, затоа што постојано ве тераат да одите на еден или друг прозорец и да ја притиснете опцијата ‘се согласувам’. Тогаш животот ќе ви стане подобар“, вели Сноуден.

Поранешниот американски војник вели дека се помирил со тоа што уште долго време ќе мора да остане во Русија и дека тука ја планира својата иднина. Открил и дека пред две години се оженил со својата девојка Линдзи Милс.

Сноуден вели дека повеќе би сакал да живее во САД, отколку во Германија, Во Русија се чувствува комфорно и конечно можел да почне да води повеќе или помалку нормален секојдневен живот. Бил исплашен кога пристигнал во 2013 година. Вели дека се чувствувал осамено, изолирано и параноично.

Многу лесно би можело агенциите на улица да се обидат да убијат американски агент кој бара одмазда.

„Бев барана личност. Човеко кој го бара најмоќната влада на светот. Им беше сеедно дали ќе завршам во затвор или под земја. Само сакаа да исчезнам“, вели Сноуден.

Сноуден повеќе не носи дебели шалови, капи и капути со високи крагни. Сега е поопуштен и слободно се шета низ градот. Се вози во метро, посетува галерии, изложби, концерти, гледа балет и се дружи со пријателите во кафе-барови и ресторани.

Permanent Record (Таен запис) е книга која е објавена во вторникот во повеќе од 20 земји. Во неа е опишано како работата го однела до најскриените тајни на ЦИА и НСА. Како бегал од Хонгконг, каде се состанал тајно со новинарите на „Гардијан“ и им ја предал промеморијата.

Документите откриле размери на масовни набљудувања на САД, Велика Британија и нивните сојузници. Сноуден се наоѓа високо на американската листа за барани личности и ако му биде одреден притвор, стравува дека може да остане во затвор со децении.

„Ако сакав безбеден живот, сè уште ќе седев на Хаваи во рајот, со жената која ја сакав. Ќе заработував голема плата. Но, што го прави животот? Не само она што го мислиме за себе, туку и изборите кои ќе ги донесеме. Ако не можам да се вратам дома, во мојата земја, барем ќе знам дека сум направил сè за да ја направам подобро место за живеење. Без разлика на тоа што ќе се случи, тоа е нешто со кое можам да живеам“, вели Сноуден.

Сноуден открил и за ситуацијата со американските претседателски избори и наводното влијание на Русија на победата на Трамп.

„Русија е одговорна за многу негативни активности во светот. Тоа е просто така. Дали Русија се мешала во изборите? Речиси сигурно. Дали и САД се мешаат во изборите? Се разбира. Тие тоа го прават во последните 50 години. Секоја земја поголема од Исланд се меша во сите клучни избори, а тие тоа секој пат го негираат. Тоа им е работа на известувачките служби. Тоа е причината зошто постојат тајни операции и одреди за влијание, а нивната цел како инструменти на националната моќ е да дадат одговор на едно прашање: Како можеме да влијаеме на светот и да ја подобриме нашата положба во однос на сите други земји?“, завршува Сноуден.

Scroll to Top