„Пандорини документи“ го откриваат тајното богатство на светски лидери и политичари, се споменуваат Путин, Блер, Ѓукановиќ, јорданскиот крал…

Повеќе од 35 сегашни и поранешни светски лидери и над 300 функционери и светски познати јавни личности се стекнале со огромно богатство на незаконски начин, покажале документите до кои дошле истражувачки новинари од Меѓународниот конзорциум и мрежа на новинари и медиумски организации со седиште во Вашингтон, пренесува „Ројтерс“.

Во таканаречените „Пандорини документи“ ги има имињата на рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот британски премиер Тони Блер, познатата поп-пејачка Шакира и германскиот модел Клаудија Шифер. Меѓу имињата е и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

Истражувачките новинари дошле до повеќе од 11,9 милиони извештаи. Тие не откриле на кој начин стигнале до нив, но велат дека сите тие познати политичари и ѕвезди успеале да се стекнат со огромни богатства преку креирање офшор фирми и перење пари.

Тајните богатства и зделките кои ги направиле биле откриени во едно од најголемите протекнувања на финансиски документи досега. За Путин се откри дека имал тајни средства во Монако, а Тони Блер заработил 312.000 фунти така што не плаќал данок.

Поранешниот британски премиер не го платил данокот за купување канцеларии во Лондон, на тој начин што купил офшор компанија која била сопственик на зградата.

Чешкиот претседател Андреј Бабиш преку офшор компанија купил две вили на југот на Франција вредни вкупно 22 милиони долари.

Во нив стои дека јорданскиот крал Абдула тајно собрал недвижности во САД и Велика Британија во вредност од 70 милиони фунти, додека азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и неговото семејство тајно биле вклучени во зделки за недвижности во Велика Британија од над 400 милиони фунти. Тие оствариле профит од 13 милиони фунти кога продале една од своите недвожности во Лондон на компанијата на британското кралско семејство.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски своите средства ги префрлил во тајна офшор компанија пред да победи на изборите во 2019 година.

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син Блажо префрлувале пари на офшор сметки во Велика Британија, Швајцарија, Панама, Гибралтар и Британските Девствени Острови.

Scroll to Top