Пет астероиди со дијаметар од 15 до 120 метри ќе се приближат до нашата планета оваа недела. Тие, според астрономите, се околу двапати поголеми од висината на кривата кула во Пиза. Четири од нив се со дијаметар над 50 метри. Сите освен еден ќе поминат на безбедно растојание помеѓу 3,3 милиони и 7,1 милиони километри. Од НАСА не очекуваат астероидите да влезат во гравитационото поле на Земјата, ниту парчиња, нивни остатоци, да паднат на нашата планета.
И додека НАСА известува за астероидите што се движат кон Земјата, истражувачи од Бразил откриле 19 вселенски карпи со меѓуѕвездено потекло, кои се лоцирани во нашиот Сончев Систем. Научниците од Институтот за гео и егзактни науки на Државниот универзитет во Сао Паоло ги идентификуваа астероидите формирани во друг соларен систем во галаксијата и ги класифицираа како центаури.
„Деветнаесетте астероиди се наоѓаат помеѓу орбитите на Јупитер и Нептун, а тие биле забележани благодарение на необична орбита околу Сончевиот Систем“, изјави Марија Хелена Мореира Мораис, една од главните автори на студијата.
Како пример, Мораис и нејзиниот тим укажале на астероидот 514107 Ka’epaoka’awela, што на хавајски значи „злобен придружник на Јупитер што се движи во спротивна насока“. Орбитата на вселенската карпа одговара на Јупитер, но се врти околу Сонцето во спротивна насока. Научниците користеле компјутерска симулација за која велат дека „делува како временска машина“, трагајќи по нејзината траекторија назад 4,5 милијарди години сè до наводното време кога се формирал Сончевиот Систем.
„Кога откривме дека астероидите не потекнуваат од Сончевиот Систем, не знаевме дали станува збор за изолиран случај или за дел од огромноа популација ‘имигрантски’ астероиди“, вели Мораис. „Во оваа последна студија, идентификувавме 19 меѓуѕвездени центаури“.
Сите планети и астероиди во Сончевиот Аистем потекнуваат од тенок диск на гас и прашина што некогаш го опкружувале сонцето. Кога дискот се распаднал, сè се проширило кон рамнината, но некои тела тоа веројатно го пропуштиле, а токму тоа е причината што тие можат лесно да се забележат, бидејќи имаат необични орбити.
Овие типови студии ја испитуваат важноста на меѓуѕвездената материја која помага за хемиско збогатување на Сончевиот Систем и можат да помогнат да се најдат нови извори на елементи што постојат тука, на Земјата, како што е хелиумот.