Почина волонтерот кој учествуваше во тестирањето на оксфордската вакцина против коронавирусот

Властите во Бразил изјавија дека еден од волонтерите кои учествуваа во тестирањето на оксфордската вакцина против коронавирусот е починат, пренесува „Ројтерс“.

Универзитетот Сао Паоло, кој помага во координација на развој на третата фаза на оксфордската вакцина во Бразил, открил дека пациентот бил државјанин на јужноамериканската земја.

Програмата ќе продолжи, затоа што тој бил дел од контролната група на која ѝ била дадена вакцина за менингитис.

Испитувањата за вакцината против Ковид-19 на компанијата „Астра Зенека“ и Универзитетот во Оксфорд во Бразил ќе беа прекинати ако доброволецот, кој починал, бил дел од активната група, изјавил извор запознат со ситуацијата.

Бразилскиот здравствен регулатор „Анвис“ соопшти дека ќе се продолжи со развој на вакцината против коронавирусот и покрај смртта на волонтерот, истакнува новинската агенција.

На учесниците и истражителите не им е кажано во која група се наоѓаат. За потсетување, третата фаза од вакцината против коронавирусот, која заедно ја развиваат Универзитетот Оксфорд и компанијата „Астра Зенека“, беше прекината во еден период на почетокот на септември.

Прекинот настана откако еден учесник за време на истражувањето имаше сериозна реакција која ја добил по примањето на вакцината.

Имено, пациентот во меѓувреме добил трансверзални миелитис, односно воспаление на ‘рбетниот мозок. Иако „Астра Зенека“ наведе дека е во прашање необјаснива болест, весникот „Њујорк тајмс“ тогаш напиша дека во британската група на испитаници се појави воспалителен синдром, кој го погодува ‘рбетниот мозок и може да биде резултат на вирусна инфекција или автоимуна болест.

Треба да се напомене дека Русија во август стана првата земја во светот која ја регистрираше вакцината против коронавирусот.

Сибирскиот центар „Вектор“ развил вакцина против коронавирусот, а генералниот директор на таа установа, Ринат Максујатов, изјавил дека вакцината е безбедна за различни чувствителни групи и дека сите доброволци развиле имунолошки одговор.

Scroll to Top