Почина застреланиот новинар Питер Р. де Врис, кој го истражуваше криминалот во Холандија

Реномираниот холандски новинар Питер Р. де Врис, кој го истражуваше криминалот во подземјето на Холандија, почина вчера откако претходно беше застрелан во напад во Амстердам.

Питер беше најпознатиот новинар во Холанија и беше столбот за поддршка на семејствата на убиените или исчезнати деца. Тој се бореше против неправдата и им беше трн во око на сите гангстери во насилното подземје во Амстердам.

Питер беше застрелан минатата недела, на 6 јули, по неговиот редовен настап во телевизиско шоу. По нападот беа приведени две лица, а полицијата во Холандија соопшти дека човекот кој го застрелал бил 21-годишен Холанѓанец.

Во бегството му помогнал 35-годишен Полјак кој живее во Холандија. Тие биле уапсени кратко по нападот. Осомничениот водач на бандата Ридуан Таги бил екстрадиран во Холандија од Дубаи во 2019. Тој останува в затвор додека му се суди, заедно со уште 16 други осомничени.

„Питер Р. де Врис беше секогаш посветен, жилав, не се плашеше од ништо и од никого. Секогаш барајќи ја вистината и застанувајќи во одбрана на правдата. И уште подраматично е што тој сега стана жртва на голема неправда“, рече премиерот Марк Руте.

Холандскиот крал Вилем Александар минатата недела го нарече нападот врз Де Врис „напад врз новинарството, камен темелник на нашата уставна држава и како таков, напад на владеењето на правото“.

Scroll to Top