Огромен астероид денес треба да помине покрај Земјата, предупредија од НАСА. Астероидот кој треба да помине покрај Земјата се вика 488453 (1994 XD) и се проценува дека е со дијаметар помеѓу 370 и 830 метри велат од Центарот за проучување на објекти блиску до Земјата (CNEOS) на НАСА.
Се предвидува дека астероидот ќе прелета покрај нас со брзина од 21,47 километри во секунда. Се очекува да ја помине Земјата на растојание од 0,02114 AU, односно околу 3.162.499 километри.
Само за споредба, Месечината орбитира околу Земјата на растојание од околу 384.633 километри, а Венера е оддалечена околу 61.155.072 километри од Земјата.
„Астероидите се делови од планети кои орбитираат околу Сонцето помеѓу Марс и Јупитер во главниот астероиден појас“, рече за Newsweek, директорот на опсерваторијата Spaceguard Center во Велика Британија Џеј Тејт.
Додаде дека бидејќи се релативно мали, орбитите на астероидите може да се нарушат прилично лесно, така што тие можат да развијат орбити што ги сечат орбитите на планетите. НАСА проценува дека во Сончевиот систем има повеќе од милион астероиди и дека постојано се откриваат нови.
Од НАСА велат дека овој астероид орбитира околу Сонцето еднаш на секои 3,6 години, но не поминува блиску до Земјата секој пат. Повеќето од астероидите во Сончевиот систем се наоѓаат во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер. Повремено, гравитациското влијание на Јупитер предизвикува да бидат исфрлени во внатрешноста на Сончевиот систем, а потоа тие летаат покрај планети како нашата.