Поради војните и бомбардирањата, во 2019 нè очекува пекол

Бројот на заболени од карцином на подрачјето на поранешна Југославија драстично ќе се зголеми од 2019 година затоа што осиромашениот уран од НАТО-бомбите има најсилно влијание по 20 години, тврди познат онколог.

Сега во Србија има 35.000 луѓе заболени од рак, а за три години бројката би можела да стигне и до 70.000.

На Србија за три години ѝ се заканува вистинска епидемија на заболени од карцином затоа што осиромашениот уран, кој останал од НАТО-бомбардирањето во 1999 година, најсилно дејствува на човечкиот организам по 20 години, тврди  познатиот онколог Владимир Чикариќ за „Информер“.

Според неговите зборови, во Србија во моментот има 35.000 луѓе заболени од рак, а по 2019 година тој број би можел да стигне и до 70.000 затоа што ефектот од осиромашениот уран од Косово се шири во целиот регион.

Најлошото допрва доаѓа

Чикариќ открива дека бројот на малигни заболувања во Србија по НАТО-бомбардирањето е зголемен 110 проценти и предупредува дека најлошото допрва следува.

Србија е прва во Европа според бројот на смртност од тумор, а има речиси трипати поголема смртност од карцином во однос на светскиот просек. Причината за тоа е што правта од осиромашениот уран во регионот на Косово е проширена во целиот регион.

Сите го имаме вдишено тоа

Поради тоа, сега имаме драстичен пораст на заболувања од леукемија и лимфом, но и сите други видови карцином. Но, најлошото допрва следува. Имено, осиромашениот уран најмногу дејствува по 20 години и тогаш здравите клетки најмногу ги претвора во карцином.

Тоа значи дека од 2019 година од карцином годишно ќе заболуваат многу поголем број луѓе, а според некои процени, дури 70.000, што е двојно повеќе од сега.

„Ни претстои вистинска здравствена катастрофа, која не можеме никако да ја спречиме“, предупредува онкологот.

Специјалистот за атомско-биолошко-хемиска одбрана открива дека најголемата количина осиромашен уран, дури 15 тони, е фрлена во Косово и Метохија.

Проектилите со осиромашен уран се фрлени на дури 81 локација во Косово и Метохија и девет во јужна Србија. Лансирани се повеќе од 31.000 проектили, а најлошо мина населението во Плачковица, место што се наоѓа покрај Врање.

Таму радијацијата е енормно голема, а работата да биде уште полоша, тоа брдо се наоѓа на само 600 метри од центарот на Врање и луѓето таму ги водат децата на излет.

Покрај оваа локација, во Србија има уште неколку критични места во пчињскиот округ, Бујановац и кај Прешево.

Овие подрачја се оградени со бетонски столбови, поставени се и табли за предупредување, а жителите се информирани за опасноста.

Тој напоменува дека ситуацијата е алармантна и дека тие што го бомбардираа овој предел веднаш треба да го отстранат уранот од земјата.

Оставена е голема количина уран на чување, чие време на распаѓање е дури 4,5 милијарди години. Радијацијата ќе почне масовно да нè убива нас и нашите деца.

Scroll to Top