Пензионираниот американски пилот Енди Рајан, кој целиот свој живот летал со големи патнички авиони, вели дека ја знае локацијата на исчезнатиот малезиски авион, „боингот МH370“.
Рајан вели дека боингот свртел од планираниот правец и слетал на тајна писта. Рајан вели дека тој своите сознанија ги споделил со истражителите и им посочил каде треба да го бараат авионот.
Рајан, кој порано бил пилот на авиокомпанијата „Јунајтед ерлајнс“, смета дека малезискиот авион за време на летот бил киднапиран во воздух. До ваквиот заклучок стигнал откако го анализирал патувањето на авионот до моментот кога кулата изгубила секаков контакт. Авионот од радарот исчезнал 38 минути по полетувањето.
Рајан смета дека „боингот МH370“ летал на однапред планирана локација и го смета пилотот Захари Ахмад Шах за главен осомничен. Тој вели дека подрачјето околу Мадагаскар е местото каде што би требало да се организира нова потрага.
На прашањето на новинарит, како би можел авионот да биде пронајден, поранешниот пилот на американското воздухопловство одговорил дека потребно е да бидат активирани сателити кои би можеле да истражат некаква аномалија во однос на метали во оддалеченото подрачје.
Рајан смета дека постои причина поради која авионот наеднаш свртел кон лево.
„Тоа е сложен авион, така што кој и да го направил тоа, а јас претпоставувам дека е еден од пилотите, морал да знае што прави. За да биде целата работа спроведена, другиот пилот морал да биде или соучесник или онеспособен. Иако е пронајден дел во океанот, сепак верувам дека боингот има слетано на тајна писта“, вели Рајан.
Неодамна на Мадагаскар се пронајдени парчиња од остатоците кои изгледаат како да се дел од „боингот MH370“. Претходно, три парчиња од „боингот 777-200“ биле пронајдени на островите Реунион и Маурицијус, острови кои се наоѓаат источно од Мадагаскар и Танзанија.
Рајан вели дека неговото откритие пополнува прилично голема дупка во теоријата за тоа дека малезискиот авион слетал на копно. Исто така вели дека неговата теорија не треба да биде отфрлена, поради тоа што четиригодишната потрага по авионот во океанот западно од Австралија не дала плод.
Рајан вели дека неговите сознанија се базираат на комуникациските направи што ги имал авионот и местото каде што тие престанале да работат, откако бил изгубен секаков контакт.
Американскиот поранешен пилот смета дека постои нулта можност за овој случај да се третира како несреќа. Поранешниот капетан, кој се повлекол по 33 години летање со „боингот 747“, вели дека досега сите пронајдени остатоци се наоѓале на западната рута, на која и самиот тој тврди дека авионот летал.
„Да, знам дека звучи злобно, но ако авионот свртел кон север, пред Мадагаскар, а потоа слетал, сигурно се спуштил на некое пусто место каде што никој не би го забележал, особено не во текот на ноќта. ЏПС-от е таков што може да го пронајде на секое место, но потешко е да се пронајде ако авионот се наоѓа на копно. Се обложувам дека луѓето кои го дочекале авионот го покриле со камуфлажна ткаенина“, вели Рајан.
Според австралиското Биро за безбедност и сообраќај, „боингот MH370“ свртел кон лево над Јужнокинеското Море на патот од Куала Лампур до Пекинг на 8 март 2014 година. Потоа прелетал преку полуостровот на Малезија кон островот Пенанг, а потоа преку или во близина на низа патни точки во Малезија и на Тајланд.
Користејќи го сателитот Inmarsat, одлучено е дека „боингот МH370“ летал на југ и се срушил во Индискиот Океан, западно од Австралија откако останал без гориво. Но, тие не знаат зошто авионот свртел кон овој пат, па во јавноста се појавуваат теории за самоубиство, пожар, киднапирање и слично.