Поранешен полковник кој пребега во Сеул откри како убивал, шпионирал и произведувал дрога за Ким Џонг-ун

Поранешен полковник Ким Кук-сонг ги откри сите мрачни тајни и работи кои морал да ги прави во името на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Тој е првиот воен офицер од Пјонгјанг кој одлучил јавно да ја каже својата приказна за Би-би-си.

Кук три децении работел за севернокорејска шпионска агенција. Тој тврди дека наредувал убиства, шпионирал и произведувал дрога во името на севернокорејскиот лидер. Имал за задача да ги елиминира сите критичари на деспотот.

За себе вели дека бил лојален комунистички поданик, но ниту тоа не му ја гарантирала безбедноста во земјата. Во 2014 година избегал во Јужна Кореја, во градот Сеул, каде што до ден денес работи за разузнавчака агенција.

Ким Кук-сонг вели дека севернокорејските разузнавачи се очи, уши и мозок на врховниот водач Ким Џонг-ун. Тој вели дека Ким на сите начини се обидува да дојде до пари од продажба на дрога, оружје на Блискиот Исток и во Африка.

За Ким Џонг-ун вели дека сакал да се докаже како воин кога се подготвувал да го наследи татко му, па затоа во 2009 година создал нова шпионска агенција Извидувачко општо биро.

Тогаш Кук добил наредба да оформи терористички одред кој требало да ликвидира поранешен севернокорејски функционер кој побегнал во Сеул.

„Со тоа Ким Џонг-ун сакаше да му удоволи на татко му. Одредот беше формиран и јас лично управував со него и ја завршив работата. Требаше да се убие Хуанг Џанд-јоп“, вели Ким Кук-сонг.

Хуанг бил најден мртов во неговиот дом во Сеул во октомври 2010 година, а првичните извештаи укажувале дека станува збор за срцев удар. Но, поради грешки во обидите за неговото убиство сега двајца севернокорејски мајори служат 10-годишна затворска казна.

Разузнавачот вели дека во Северна Кореја дури и кога се гради пат тоа мора да биде одобрено од врховниот водач. Со тоа сака да каже дека одговорноста за сѐ што се случува во и во врска со Северна Кореја ја сноси Ким Џонг-ун.

-Има една случка во која еден севернокорејски агент работеше во претседателската канцеларија во Јужна Кореја на почетокот од деведесеттите години. Тој потоа се врати во Северна Кореја откако пет-шест години работеше таму. Агентите имаат активна улога и во различни граѓански организации и во важните институции во Пјонгјанг, вели Ким Кук.

Северна Кореја има 6.000 обучени хакери подготвени за кибервојна, потврдува Ким Кук. Тој вели дека Универзитетот Моранбонг ги избрал најпаметните студенти и ги обучувал на специјална обука што траела шест години.

Британските разузнавачи сметаат дека севернокорејската група Лазарус стои зад неколку големи хакерски напади ширум светот меѓу кои и на здравствениот систем на Британија.

Ким Џонг-ун неодамна објави дека земјата е соочена со криза, а во април го повика народот да се подготви за „напорен марш“, фраза која се користи за опишување на голем недостиг на храна каков што имаше пред дваесетина години. Тогаш на Ким Кук му било наредено да собере „револуционерни фондови“ што значело да почне да се занимава со производство на дрога. Така и сторил. Произведувал кристален мет. Тој додава дека сите пари во земјата му припаѓаат на врховниот водач.

-Со тие пари тој изгради вили, купуваше автомобили, храм, храна, облека и уживаше во луксуз, вели разузнавачот.

Друг извор на приходи е илегалната продажба на оружје на Иран, а станува збор за мини подморници. Ким Кук вели дека се продава оружје и технологија на  земји во кои има граѓански војни.

Ким Кук-сонг во Северна Кореја уживал во привилегиран живот. Возел „мерцедес“ и смеел да патува во странство. Но, кога младиот Ким Џонг-ун доаѓа на власт и решава да го погуби тетинот кој уживал поголем углед од него, на Ким Кук-сонг му станало јасно дека ни тој нема да поживее долго ако не побегне.

Scroll to Top