Голема ѕвезда „проголтала“ помала: Телескопот „Џејмс Веб“ помогна да се открие што се случило во Андромеда

Астрономите успеале да ја состават приказната за две ѕвезди што се споиле во галаксијата Андромеда, откако помалата ѕвезда постепено навлегла во надворешните слоеви на својот многу поголем придружник.

Настанот, кој истражувачите го нарекле Бао, привлекол внимание поради необичните промени во светлината уште во 2023 година. Две години подоцна следувала силна ерупција, а набљудувањата со вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ помогнале да се утврди што се случувало пред, за време и по спојувањето.

Според НАСА, ваквите настани тешко се следат во реално време затоа што е тешко однапред да се предвиди кога ќе се случат. Податоците од повеќе телескопи им овозможиле на научниците да ја реконструираат необичната ѕвездена средба.

Две ѕвезди во заеднички танц

Пред спојувањето, ѕвездите илјадници години кружеле една околу друга како двоен систем. Едната била голем суперџин, а другата – помала ѕвезда со маса нешто помала од масата на Сонцето.

Преку компјутерско моделирање, тимот проценил дека големата ѕвезда имала околу седум пати поголема маса од Сонцето и радиус околу 350 пати поголем. Помалата ѕвезда, според проценката, имала приближно 70 проценти од масата на Сонцето.

Кога помалата ѕвезда дошла во допир со надворешната површина на суперџинот, меѓусебното дејство станало сè посилно. Таа продолжила да се движи низ неговите надворешни слоеви, губејќи орбитална енергија, сè додека не била вовлечена подлабоко во поголемата ѕвезда.

Според реконструкцијата на истражувачите, од првиот контакт со површината до спојувањето поминале околу седум обиколки, односно приближно седум години.

Светлината го открила необичниот настан

Истражувачите во 2023 година забележале необично променлива ѕвезда во податоците од мисијата НЕОВАЈЗ на НАСА. Подоцнежните набљудувања покажале промени во нејзиниот сјај и исфрлање прашина.

Во октомври 2025 година била забележана ерупција, а на 24 декември истата година системот бил набљудуван и со „Џејмс Веб“. Телескопот го снимил објектот 47 дена откако ерупцијата го достигнала својот врв.

Податоците за прашината околу ѕвездата им помогнале на научниците да ги споредат набљудувањата со компјутерските модели и да проценат како се одвивало спојувањето.

НАСА наведува дека ќе бидат потребни идни набљудувања за подобро да се утврди како ќе изгледа и какви својства ќе има ѕвездата што останала по спојувањето.

Извор: НАСА.

Scroll to Top