Поранешната сопруга го намести принцот Ендру да даде интервју за Би-би-си

Поранешната сопруга на принцот Ендру, Сара Фергусон, го наместила да го даде интервјуто за Би-би-си во врска со скандалот со американскиот милијардер Џефри Епштајн и неговата поврзаност со педофилија. Британските медиуми пишуваат дека принцот поминал катастрофално на интервјуто, поради неговите нејасни одговори.

Извор за „Дејли мејл“ вели дека Сара била фрустрирана од тоа што професионалниот и приватен живот на Ендру се провлекува низ еден куп скандали. Војвотката ја спореди неговата драма со нејзината кога во 2010 година била вмешана во скандалот познат во британската јавност „Кеш за пристап“.

Поранешната жена на Ендру била принудена да се извини поради сериозниот пропуст, откако им ветила на британските новинари пристап до принцот Ендру во замена за 500.000 фунти.

Ферги, која е мајка на две деца, била посрамотена и одбила да се повлече од јавноста и  учествувала во реалното шоу „Потрага по Сара“, кое се емитувало на телевизијата OWN, каде што зборувала за своето тешко детство и проблематичен живот во кралското семејство.

По емитувањето на шоуто, Сара стекна големи симпатии во јавноста и ја поправи својата репутација.

„Сара ги искуси на своја кожа ваквиот тип скандали пред една деценија. Таа откри дека презентирањето на својата приказна во јавноста ѝ помогнало да го надмине тоа што изгледаше како ненадминлив скандал. Таа има длабоко разбирање за она низ коешто во моментов Ендру минува“, вели изворот.

Сепак, за разлика од Сара, Ендру не помина баш најдобро на интервјуто. Нејасните одговори кои ги даваше на новинарката беа осудени од јавноста. Ендру не бил убедлив во покајувањето и изразувањето жалење за жртвите на Епштајн. Тој не ѝ давал убедливи одговори на новинарката, а  виновник за катастрофалното интервју  е неговата поранешна сопруга, открива изворот близок до кралското семејство.

„Фергусон го намести. Таа го охрабри и убеди на ваков храбар чекор“, пишува „Дејли мејл“ повикувајќи се на изворот од кралското семејство.

„Ендру не сакаше да се појавува пред камера, но Сара чувствуваше дека треба да излезе од скандалот и да ѝ ја претстави својата вистина на јавноста“, вели извор од Бакингемската палата за „Дејли мејл“.

Инсајдери велат дека Сара му била голема поддршка на Ендру во изминатите неколку месеци и дека таа меѓу првите ја иницирала оваа идеја.

„Ендру постојано се надеваше на поддршката од Сара. Тој ги цени нејзиното мислење и искуството. Кога ќе се појави можност за интервју, Сара чувствува дека тоа е најдобриот начин да го расчисти неговото име и на јавноста да ѝ ја претстави неговата страна“, објаснува изворот.

Преку интервјуто Ендру имал шанса да го изнесе својот став за негативните медиумски пишувања наместо да ги остави без одговор.

„Со оглед на тоа дека овој скандал му направи голема штета на кралското семејство во изминатите шест месеци, Сара чувствувала дека Ендру треба да го поправи својот имиџ во јавноста. И покрај тоа што многумина сметале дека необично е принцот да излегува на телевизија, Сара сметала дека ова се исклучителни времиња и бараат храбри чекори“, навел изворот.

„Не се сеќавам на тие жени, сè е заговор“ – принцот Ендру за случајот со педофилија и Епстајн

„Не се сеќавам на тие жени, сè е заговор“ – принцот Ендру за случајот со педофилија и Епстајн

Scroll to Top