Докторот што го лекуваше рускиот опозиционер Алексеј Навални во болницата во Омск, д-р Сергеј Максимишин, бил пронајден мртов. Првите извештаи велат дека крвниот притисок на Максимишин одеднаш му се зголемил и дека починал од срцев удар.
Максимишин починал на одделот за интензивна нега, каде што што Навални се наоѓаше на лекување, но властите негираа дека тој добил Ковид-19. Веста први ја објавија преку соопштение од болницата во која Сергеј работеше како заменик-шеф.
„Со жалење ве известуваме дека заменик-главниот лекар за анестезиологија и реанимација, професор на Државниот медицински универзитет во Омск, доктор на медицински науки, Максимишин Сергеј Валентиновиќ, ненадејно почина“, објавија од болницата во Омск.
Леонид Волков, шеф на кабинетот на Навални, потврди дека Максимишин бил одговорен за лекувањето на опозицискиот лидер.
„Сергеј Максимишин беше шеф на одделот каде што се лекуваше Алексеј Навални и беше одговорен за неговото лекување, особено за да ја следи неговата медицински предизвикана кома. Тој знаеше повеќе од кој било друг за состојбата на Алексеј, па не можам да ја исклучам можноста дека ова е кривично дело“, изјави Волков за Си-ен-ен.
Од друга страна, додаде тој, рускиот здравствен систем е многу лош и не е невообичаено лекарите на неговата возраст да умрат ненадејно.
„Се сомневам дека ќе има истрага за неговата смрт“, додал Волков.
Министерот за здравство на регионот Омск рече дека Максимишин работел во болницата 28 години.