Речиси 80 % од Французите веруваат во една теорија на заговор

Во Франција речиси осумдесет проценти од населението верува во барем една од големите теории на заговор.

Тоа го откри студијата на Институтот за испитување на јавното мислење (IFOP) на Франција, спроведена за Фондацијата за истражување на демократијата „Жон Жорес“ и за веб-страницата Conspiracywatch.info.

Три години по терористичкиот напад во јануари 2015 година во Париз и во екот на целосна офанзива на владата против „лажните вести“, студијата покажува дека 79% од Французите веруваат најмалку во една теорија на заговор.

Бројката на оние кои веруваат во барем четири теории на заговор изнесува 34%, додека 13% од испитаниците веруваат во најмалку седум такви теории.

Меѓу големиот број теории на заговор кои кружат во јавноста, од најнови до најстари, 55% од Французите веруваат дека Министерството за здравство е во блиска врска со фармацевтската индустрија со цел да се прикрие вистината за штетноста на вакцините, додека 54% сметаат дека ЦИА била вмешана во убиството на претседателот на САД, Џон Кенеди, во Далас во 1963 година.

Во врска со тероризмот, 19 % од Французите сметаат дека Американците никогаш не биле на Месечината, додека девет проценти веруваат дека можно е Земјата да е рамна плоча, а не тркалезна како што се учи во училиштата.

„Тие резултати потврдуваат дека сме колективно соочени со една не само опиплива туку и крупна појава, која допира до целото општество и во загрижувачка мера ги напаѓа колективните претстави“, смета Руди Рајхштадт, директорот на веб-страницата Conspiracy Watch.

Истражувањето е објавено на 19 и 20 декември на репрезентативен примерок од 1000 полнолетни жители на Франција, составен по методот на квоти и заокружување. Земен е предвид и втор примерок направен врз 252 лица помлади од 35 години.

 

 

 

 

Scroll to Top