Руски научник тврди дека тој го создал нервниот гас „новичок“

Рускиот научник Владимир Углев, кој помогнал да се развие нервниот агенс „новичок“ за Советскиот Сојуз, изјавил дека целта на програмата била да се произведе многу помоќна супстанција од нервниот агенс VX, дури и до 10 пати.

„Ние тоа го направивме“, изјавил Углев (71) за Би-би-си.

Како што наведува Углев, нервниот агенс бил толку моќен што прашање е како поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка преживеале.

„Убеден сум дека примиле мала доза“, изјавил Углев.

Тој додал и дека семејството Скрипал не е првата жртва што ја носи на душа.

„Можам да набројам уште десетина луѓе отруени со оваа отровна супстанција. Еднаш „новичок А-240“ ми падна на мојата десна рака. Веднаш ја ставив во хлороводорна киселина и ја измив со пероксид“, изјавил Углев, кој работел во државна лабораторија во Саратовската област во југозападна Русија.

Говорејќи за тоа што Русија ги негира вмешаноста и труењето на Скрипал, Углев вели дека за тоа виновна е Русија, која не може да докаже дека не е пронајдена тубата со отров.

„Логиката на случувањата укажува на тоа дека зад целата работа стои Русија, како и брзината со која лидерите ја негирале вината. Тие исто така бргу изјавиле дека Русија не е вмешана. Тоа е како кога крадец ќе украде нешто во продавница. Тој прв ќе викне дека крадецот не е тука, туку на друго место“, изјавил Углев.

Сергеј и Јулија Скрипал се пронајдени на 4 март во Солсбери во несвесна состојба, а утврдено е дека се отруени со нервниот агенс „новичок“, кој претходно е произведен во Советскиот Сојуз.

 

 

Scroll to Top