Секој петти Бугарин верува дека Бил Гејтс ја предизвикал короната, за да го контролира светот со чипирање

Секој петти Бугарин смета дека пандемијата со коронавирусот ја предизвикал основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, за да може да ги контролира луѓето со вградување на чипови во нивните тела. Чипирањето тие веруваат дека ќе било спроведено со вакцинација против Ковид-19.

Тоа го покажале резултатите од истражувањето кое Агенцијата „Тренд“ го спровела на барањето на медиумите „24 часа“, пренесува српски Курир.

Истражувањето покажало дека повеќе од 2,3 милиони Бугари сметаат дека вирусот е вештачки создаден, додека милиони граѓани сметаат дека тој не постои и дека станува збор за светска конспирација.

Гејтс инаку стана водечка мета на теориите на заговор за пандемијата на коронавирусот, а особено откако ја критикуваше одлуката на претседателот Доналд Трамп за прекинувањето на финансирањето на Светската здравствена организација.

Основачот на „Мајкрософт“ неодамна на „Инстаграм“ објави видео во кое се гледа како од прозор држи натпис: „Фала ви здравствени работници“, по што во наредните денови неговиот пост доби стотина илјади коментари кои го обвинија за злосторствата против човештвото и го поврзаа со различни теории на заговор со вакцините, СЗО и внесување на микрочипови во луѓето.
Извор/Курир.рс
Scroll to Top