Српски пратеник: Западот нѐ труе со отрови што ги прскаат на небото со авиони

Пратеникот на Српската радикална партија, Јово Остоиќ, на седница на општинскиот одбор за просторно планирање, инфраструктура и телекомуникација изнесе тврдења дека западните земји го трујат Балканот со авиони.

Остојиќ говорел за таканаречените Chemtrails, односно траги што остануваат на небото по летот на авионите за кои многумина веруваат дека станува збор за системско труење на луѓето.

„Отровите со кои секој ден нѐ запрашуваат од воздух е тема што е прескокната за дебата во Собранието и никој не смее да каже ниту збор за тоа“, вели Остоиќ.

„Зарем не гледаме дека над Белград, над нашата држава Србија, летаат над стотина авиони и нѐ прскаат со одредени хемикалии“.

„Не само што ги трујат нивите, храната што ја јадеме, туку нѐ трујат и нас. По бомбардирањата, сега и со ова запрашување се предизвикува сѐ поголем број од нашиот народ да заболува од рак“, изјави Остојиќ.

Тој изјави дека никој не може да го убеди дека тоа нема влијание и побара од пратениците да се утврди зошто некој распрскува со отров низ Србија.

„Кој може да го плати здравјето на нашите граѓани што тие секојдневно го трујат? Кој потпиша, кој удри потпис и печат дека тоа може да го прават? Немојте да ги прескокнувате фактите, тоа нема смисла!“, објасни Остоиќ барајќи уште еднаш да се утврди кој потпишал авионите да фрлаат отров низ воздушниот простор на Србија.

„Зарем ништо не можеме да направиме без Западот?“, праша Остојиќ.

Тој изрази убедување дека тоа што се прави во Србија од воздух е со цел да се зголеми бројот на заболени од рак. Тој го постави прашањето до премиерот Александар Вучиќ и претседателот Томислав Николиќ, како и експертите, да проговорат за запрашувањето од воздух.

Остоиќ изнесе тврдења дека Србија најмногу се запрашува кога созреваат земјоделските култури, а во зима бројот на таквите летови е сѐ помал. Тој изјави дека Србите се заморчиња на САД и ЕУ, врз кои се вршат експерименти.

„Барам како човек кој има и деца и внуци, во името на сите деца и сите граѓани во Србија, тоа да се изнесе пред Собранието и да се даде одговор“, изјави Остоиќ.

„Немојте да дозволите да нѐ трујат. Нели гледате дека сѐ помалку деца се раѓаат и дека голем број од родените на овој свет доаѓаат заболени“, додаде Остоиќ.

Сепак, режимските пратеници не сакале да дадат одговор на неговите прашања поради што тој ја напушти седницата на одборот.

 

Scroll to Top