Светската здравствена организација ќе расправа за употребата на вакцината на британско-шведската компанија „Астра зенека“ по нејзината забрана во Јужна Африка поради сомневања дека не е ефикасна за лицата над 65 години, пишува independent.co.uk.
Вакцината против Ковид-19 на „Оксфорд-Астра зенека“ дава ограничена заштита од лесна форма на болеста предизвикана од јужноафриканскиот сој на вирусот, откриваат последните испитувања направени во компанијата.
Од таму велат дека сè уште не може да кажат со сигурност дека вакцината штити од тешката форма на болеста предизвикана од овој сој на вирусот, кој има поголема преносливост. Во исто време велат дека се убедени оти вакцината обезбедува заштита од посериозни случаи.
Таа создава антитела слични на оние произведени од други вакцини против коронавирусот.
Испитувањата направени над 2.000 луѓе засега сè уште не се разгледани од рецензентите. Досега се откриени повеќе од 100 случаи заболени од јужноафриканскиот сој во Велика Британија.
Јужна Африка набави 1,5 милион вакцини од „Астра зенека“, на кои рокот им истекува во април. Британското Министерство за здравство соопшти дека Јужна Африка само привремено престанала да ја користи вакцината.
„Јужна Африка ќе престане да ја користи вакцината на „Астра зенека“ откога податоците покажаа дека обезбедува минимална заштита од лесна до умерена инфекција предизвикана од доминантната варијанта на коронавирусот во земјат“, изјави Едвард Аргар,од британското Министерство за здравство.
Од компанијата изјавија дека вакцината обезбедува добра заштита од британскиот сој, кој првпат беше откриен во Кент, а сега е доминантен во Велика Британија.
Експертите велат дека, ако е е потребно, за неколку недели или месеци вакцините може да се редизајнираат и да се изменат за да бидат поефикасни за нови соеви.