Некогашниот прв секретар на мисијата на Босна и Херцеговина во Обединетите Нации, Дарко Трифуновиќ, тврди дека службени лица во Вашингтон скоро еден месец пред нападот врз Светскиот трговски центар на 11 септември 2001 година, знаеле дека тој ќе се случи и ги имале имињата на некои од терористите.
Трифуновиќ, кој работи како експерт за национална и интернационална безбедност во Белград, вели дека еден од терористите вклучени во нападите на 11 септември е Сафет Ибид Чатовиќ, кој во Обединетите нации во 2001 година имал дипломатски статус како воен претставник од Босна и Херцеговина.
Трифуновиќ тврди дека зад името на Чатовиќ се криел поранешниот командант на терористичката организација „Ел муџахедини“, Абу Мали. Тој случајно се сретнал со Мали на влезните врати на зградата што се наоѓала на улица „Плаза 866“ во Менхетан. Таму требало да се одржи мисијата на сите членки на Обединетите нации. Трифуновиќ вели дека кај Мали го забележал жолтиот беџ, односно пропусница, која ја имал за да може да влезе во зградата. Таква пропусница имале само амбасадорите и највиските претставници на земјите членки.
„На неговиот беџ пишуваше дека е од Босна и Херцеговина. Беше очигледно дека станува збор за човек со арапско потекло. Јас го задржав на влезната врата за да го откријам неговиот идентитет. Тој побегна и се скри зад топлата луѓе на улицата. Истиот ден отворив истрага и ги известив американските колеги“, сведочи Трифуновиќ.
Трифуновиќ раскажал дека за овој настан, како и за многу други, знаела и Мери Ендруз, лице од дипломатската мисија на САД на „Ист Ривер“. Тие ги имале овие податоци уште во август, пред да се случи терористичкиот напад.
Српскиот експерт сведочи дека не му било потребно многу време да утврди дека беџот во Обединетите нации кој бил издаден на името Сафет Ибид Чатовиќ е намерна грешка. Тој вели дека Босна и Херцеговина во ОН веќе имала место помошник-амбасадор за воени работи. Па откако ги алармирал за ситуацијата, во службите на Обединетите Нации се кренала интерна тревога и било утврдено дека статусот на Чатович му го дале амбасадорот на БиХ во ОН, Мухамед Шаќирибеј, и неговиот колега Хусеин Живаљ.
Според тврдењата на Трифуновиќ, голем дел од приказната за Абу Мали е скриена од јавноста, а и Сараево со помош на Саудиска Арабија, направило сè за да ја прикријат вистината.
Во меѓувреме ФБИ утврдиле дека првиот босански муџахедин во Њу Џерси имал своја хуманитарна организација. Тој две недели пред нападот во Америка, организирал Џихад камп за млади во Пенсилванија.
„Не е случајно што еден од тие авиони, прочуениот лет 93, од Њу Џерси, паднал во Пенсилванија. ‘Боингот 757’ се срушил во округот Самерсет, недалеку од Џихад кампот“, вели Трифуновиќ.
Според безбедносните извештаи, Нусрет Авдибеговиќ, муфтија од Бања Лука, бил првиот муџахедин во Босна и Херцеговина и двоен шпион кој работел за Известувачките служби на армијата на Босна и за англиската служба МИ6.
За ова сведочат и документите кои се наоѓаат во Хашкиот трибунал, каде се заведени под обвинителниот број 03324344. Авидбеговиќ бил личен преведувач на првиот муџахедин кој се појавил во Босна, шеикот Мухамед Абу Абдула Азиз ал Мунтесиба, познат како Црвенобрадиот.
Најголемиот дел од документацијата за исламскиот фактор во Босна и Херцеговина е запален во 2001 година, но многу документи останале во Обвинителството на Босна и Херцеговина, каде се наоѓаат денес, но се чуваат во тајност, далеку од јавноста, тврди Трифуновиќ.