Телото на исчезнатата Марија е идентификувано по 29 години: Родителите конечно знаат каде завршила ќерка им, но случајот сè уште не е затворен

Речиси 29 години по нејзиното исчезнување, идентификувано е телото на Марија ван дер Занден (22) од Холандија. Таа е пронајдена мртва во резервоар во Германија во август 1994 година, истиот месец кога исчезнала, потврдила полицијата.

„Преплавени сме од оваа вест. По речиси 30 години, конечно знам каде е мојата ќерка“, рече Аб ван дер Занден, таткото на Марија, за веб-страницата на фондацијата Питер Р. де Вриес.

Марија исчезнала на 6 август 1994. Соседот ја видел како вози велосипед, но после тоа немало ни трага од неа. Полицијата покрена опсежна истрага која не дала резултати.

Минатата година, фондацијата на убиениот холандски истражувачки новинар Питер Р. де Вриј се здружи со стариот полициски тим за случаи во уште еден обид да открие што се случило со Марија. Фондацијата понудила и награда од 250.000 евра за информации кои ќе доведат до нејзиното откритие.

На крајот на март оваа година, германската полиција извести дека можеби имаат тело кое би можело да биде на Марија. На крајот на август 1994 година, тие пронашле мртва жена во резервоарот на вештачкото езеро во близина на германскиот град Соест, на 240 километри од Путен.

Германската полиција тогаш не можела да го утврди нејзиниот идентитет и по кратка истрага заклучила дека најверојатно се работи за самоубиство. Телото било погребано во необележана гробница без земена ДНК.

Новата истрага го идентификувала телото пронајдено во Германија како Марија ван дер Занден врз основа на нејзините отпечатоци од прсти. Тоа не значи дека истрагата сега е затворена, соопштија од холандската полиција.

Додека нивните германски колеги го затвориле случајот како самоубиство, холандски тим сака да ги истражи настаните околу нејзиното исчезнување. Тие сакаат да откријат како, меѓу другото, Марија завршила на 240 километри од својот дом.

Исто така, сакаат да знаат зошто властите претходно не ја поврзале неидентификуваната жена пронајдена во резервоарот со Марија.

„Има уште многу прашања на кои се надеваме дека наскоро ќе добиеме одговори со тимот за вакви студени случаи и Фондацијата“, рече таткото на Марија.

„Наградата нема да биде исплатена затоа што Марија е пронајдена преку полициски информации, објавија од Фондацијата Питер Р. де Вриес. Наградата од 250.000 евра ќе биде искористена за решавање на други стари случаи.

Scroll to Top