Тито го „наместил“ мечот меѓу Југославија и Германија во 1974

Една од најголемите контроверзии и теории на заговор кои се појавуваат во јавност е дека за време на Светското првенство во 1974 година Јосип Броз Тито го „наместил“ мечот со домаќинот Германија.

Можеби Југославија би поминала подобро на Светското првенство во Германија во 1974 година, доколку не бил Јосип Броз Тито! Тито, според тврдењета на новинарот во хрватскиот „Јутарни весник“, Томислав Жидак, го продал мечот со домаќините за неверојатни 700 милиони марки.

„Сините“ на 26 јуни 1974 година, во рамки на групата Б, играле со домаќините и биле поразени со головите на Брајтнер и Милер со 2:0. Југославија на 10. Мундијал важела за одличен тим кој можел далеку да стигне. Но, по ремито со Бразил (0-0) и победата над Заир (9-0), избраниците на Милијан Милјаниќ потклекнале пред „панцирите“.

А само 24 часа претходно Тито за првпат во животот ја посетил Германија во намера да извлече кредит од 700 милиони марки, со кои требало да избегне банкрот на тогашниот самоуправен социјализам во Југославија. Маршалот пред мечот со Германија  приредил прием во Диселдорф во хотел „Парк“ на кој биле тогашните репрезентативци.

Кредитот никогаш не бил вратен и се поставува прашање дали е тоа цената на фудбалскиот пораз на „сините“, кој ѝ овозможил на легендарната германска генерација на Бекенбауер, Герд Милер, Мајер, Брајтнер и другите да се искачи на светскиот трон.

 

 

„По поразот се појавила шпекулација дека мечот бил ‘наместен’ и дека Југославија го продала мечот за кредитот кој ѝ бил даден од страна на германскиот канцелар и дека Германија ја купила титулата светски шампион. Југославија никогаш не ги вратила тие 700 милиони марки. Не знам, едноставно не игравме добро, а однатре бевме гнили“, се присетува легендарниот голман на Југославија Енвер Мариќ.

Мариќ вели дека во репрезентацијата атмосферата била очајна, а на сето тоа кумувале парите.

„Тоа го предизвикаа ‘Пума’ и ‘Адидас’. ‘Пума’ ни понуди богати договори ако ги смениме копачките, па така Драган Џајиќ и јас добивме по 20 000 марки за да ги облечеме нивните копачки. Потоа, премијата за пласман на Мундијалот, која изнесуваше значителни 15 000 марки, Фудбалскиот сојуз не сакаше да ја  исплати. Атмосферата беше грозна, а тимот се распадна“, открил Мариќ.

Тогашниот менаџер на „сините’, десетката од „Звезда“, Јован Ачимовиќ, вели дека на мечот му претходиле два необични настани што оделе во прилог на домашната екипа, а биле против интересите на југословенската селекција.

„Посетата на Тито ги сменила подготовките за мечот. Да беше некој друг, тоа ќе беше неприфатливо, но се работеше за Тито“, се присетува  Ачимовиќ  за медиумите.

„На денот на натпреварот нè одведоа во резиденцијата на нашата амбасада во Диселдроф и таму два часа го чекавме Тито за да се поздравиме со него. Замислете како им беше на играчите кои имаа утврден начин на подготовки за мечевите. Чекавме од 11 претпладне до еден час попладне стоејќи, а во три часот го игравме одлучувачкиот меч. Зборуваш со соиграчите, што друго да правиш? Се чешкавме по брадите и се нервиравме што група полтрони на Тито беа околу нас со цел да соберат некој поен за себе, а најмалку се грижеа за репрезентацијата. Тогаш се појави Тито, нè поздрави и приказната заврши“.

Дали постоело нешто  сомнително на тој меч, како што тврди Хрватот Иван Булјан?

„Не можев премногу да ја разберам одлуката на селекторот Милјаниќ во тимот да го стави Дражен Мужиниќ, а на клупа да го остави Блеки Богичевиќ, кој беше сигурен на топка. Улогата на Мужиниќ беше нова за него, исто како мене да ме поставиле на позиција центар. Би можел да бидам стопер, но тоа не би било решение за сериозни и големи мечеви“.

 

 

Scroll to Top