Астероидот со име Апофис, именуван по египетскиот бог на хаосот, се приближува кон Земјата. Научниците пресметале кога тој би можел да стигне до нашата планета. Велат дека како што времето одминува, неговото движење постојано се забрзува.
Сепак, научниците се убедени дека веројатноста да ја погоди Земјата е многу мала. Астероидот, според последните пресметки, би требало да ѝ се доближи на Земјата во 2068 година.
Според нивната пресметка, шансите да нè погоди се 1:150.000. Како што објаснил Дејвид Толен, астроном од Универзитетот во Хаваи, астероидот забрзува благодарение на таканаречениот Јарков ефект, односно различната температура што се создава на неговата хемисфера.
Поради тоа, тој често ја менува својата орбита. Овој астероид е откриен во 2004 година и од тогаш е под постојан надзор на астрономите, пишува „Лајв саенс“.
Иако прецизно пресметале кога би можел да се приближи до Земјата, научниците сè уште не можат со сигурност да потврдат дали ќе нè одмине, затоа што не можат да го пресметаат влијанието на соларните ветрови и сончевата гравитација за време на неговото патување.
Првата блиска средба со Земјата би требало да се случи веќе во 2029 година, кога тој ќе биде подетално проучен, а ќе биде видлив и со голо око.
„Највидлив ќе биде на 13 април 2029 година. Тоа приближување ќе биде најважно, затоа што на основа на тоа ќе можеме да ги предвидиме сценаријата за во иднина“, вели Толен.
Научниците претходно давале голем број катастрофални предвидувања за средба со Апофис и Земјата во 2029 година, пресметувајќи дека постои дури 3% можност астероидот да удри во нашата планета. Таквите калкулации подоцна биле отфрлени.
Извор/Курир.рс