(Видео) Нашата мајка беше измамена, Вилијам и Хари скршени поради интервјуто што им го уништи животот

Принцовите Вилијам и Хари остро го осудија интевјуто на новинарот на Би-би-си, Мартин Башир, пред дваесетина години со мајка им, принцезата Дијана. Водителот го направил тоа интервју во 1995 година со измама.

Принцот Вилијам додал дека е тажен што Би-би-си претходно не ги истражувала жалбите како што треба и дека мајка му не знаела дека е измамена.

Тој објасни дека односите меѓу неговите родители се влошиле од моментот кога интервјуто било објавено. Тој вели дека по давањето на интервјуто, таа станала параноична.


„Нашата мајка беше неверојатна жена, која својот живот го посвети на службата. Беше издржлива, храбра и несомнено искрена. Ефектите од бранот на култура на експлоатација и неетички практики на крајот ѝ го одзедоа животот. На оние што презедоа некаква форма на одговорност сакам да им се заблагодарам. Тоа е првиот чекор кон правдата и вистината. Сепак, она што длабоко ме загрижува е дека ваквите практики и денес се раширени“, изјавил принцот Хари.

Британската телевизија Би-би-си деновиве се извини поради начинот на кој новинарот Мартин Башир го изведе скандалозното интервју со принцезата Дијана.

Независната истрага што ја направил лордот Дајсон, поранешен постар судија, открила дека Мартин Башир измамил голем број лица за да го направи интервјуто со Дијана. Во таквата ситуација тој ги лажел и своите шефови и раководители во телевизијата Би-би-си.

Истрагата што била спроведена ги утврдила начините и методите што Башир ги користел за да дојде до принцезата Дијана. Тие покажале дека новинарот не само што ги мамел челните луѓе во телевизијата туку го мамел и родениот брат на принцезата Дијана, ерл Спенсер.

Башар на Спенсер му покажал фалсификувани изводи што покажувале како една новинарска групација плаќала негов близок соработник. На тој начин тој сакал да стекне доверба кај Спенсер за да може полесно да дојде до Дијана.

Кога раководителите во Би-би-си го прашале Башар за наводните изводи тој негирал дека на Спенсер му покажал какви било документи.

Извештајот на комисијата покажал дека Башар лажел колку што може, а неговото неодговорно однесување го довело во прашање и неговиот кредибилитет.

Фалсификуваните банковни изводи ги откриле новинарите на Mail on Sunday на почетокот на 1996 година. Директорот на вестите, кој ја спровел истрагата, бил Тони Хол, сега лорд Хол, кој подоцна ќе стане генерален директор на Би-би-си.

Но, извештајот на Дајсон наведува дека интерната истрага на медиумската куќа била неадекватна затоа што не го испрашала ерл Спенсер, а тоа било голем пропуст. Тој тврди дека Би-би-си се обидела да го забошоти начинот на кој Башир дошол до интервјуто.

Башар не ги исполнил високите стандардни квалитети, транспарентноста и интегритетот што веќе во текот на годините било главното обележје на телевизијата. Од Би-би-си велат дека извештајот утврдил оти биле нанесени сериозни пропусти.

Но, од таму велат дека денес имаат подобри процедури, токму такви што пред 20 години требало да го спречат направеното интервју со Дијана. Години подоцна кога целата работа беше веќе јавно откриена, Башар го признал делото и јавно се извини.

„Се извинувам поради лажните банковни сметки. Тоа беше глупава работа. Но, јас не влијаев на одлуката на Дијана да ми го даде интервјуто“, се оправдал Башар.

Интервјуто, кое беше емитувано во 1995 година, предизвика големо внимание во јавноста затоа што Би-би-си никогаш претходно не се занимавала со приватниот живот на некој од членовите на кралското семејство.

Дијана во тоа интервју открила дека за време на бракот со принцот Чарлс таа имала афера со друг маж. Исто така, открила дека и самиот Чарлс бил со Камила и дека поради тоа, се чувствувала безвредно. Дијана признала дека се борела и со булимија и дека ѝ доаѓале самоубиствени мисли.

Принцезата во интервјуто изјавила дека Чарлс не можел да се приспособи на тоа дека ќе стане крал и дека неговиот персонал долго време водел негативна кампања против неа.

Интервјуто го гледале повеќе од 20 милиони луѓе и предизвикало големи контроверзии. За изјавите на Дијана во интервјуто на Башар се зборува до ден-денес. По интервјуто, кралицата Елизабета им пишала на Чарлс и Даиана советувајќи ги да се разведат.

Вилијам вели дека најмногу жали тоа што мајка му никогаш не откри дека била измамена. На крајот додал дека таа не била измамена само од еден обичен измамник новинар туку и од шефовите на Би-би-си.

Принцезата Дијана, мајка на принцовите Вилијам и Хари, се омажи за принцот од Велс, принцот Чарлс, во лондонската катедрала „Свети Павле“ во 1981 година. Двојката се разведе во 1996 година.

Следната година принцезата Дијана почина во Париз во сообраќајна несреќа во тунел. Таа била во автомобилот со својот партнер Доди ал-Фаед, а сакале да им побегнат на репортерите.

Кога удриле во тунелот, нејзиниот партнер и возачот починале на самото место, а Дијана им подлегнала на повредите неколку часа подоцна во болница.

Scroll to Top