Бил Гејтс, еден од најголемите милијардери и бизнисмени во светот, во интервју за Ен-би-си рече дека по короната, нè очекува уште една здравствена катастрофа, која ќе биде десет пати полоша од сегашната пандемија. Неговите досегашни прогнози за короната во најголем дел се остварија, па затоа теоретичарите на заговор тврдат дека и ова предвидување на Гејтс може да се оствари.
„Оваа пандемија е лоша, но идната пандемија може да биде 10 пати посериозна“, рече тој и апелира до владите во светот да бидат подобро подготвени за здравствените закани што ни доаѓаат.
Основачот на „Мајкрософт“ уште во 2015 година изјави „доаѓа пандемија, и наместо да се подготвуваме за неа како за војна, ние се преправаме дека ништо не се случува“. Тој го повтори истото тоа во ноември 2019 година откривајќи ги своите предвидувања за претстојната здравствена чума, која, според него, набргу ќе завладее со светот.
Тој уште тогаш предвиде дека тоа ќе биде болест што ќе се шири слично како грипот, но тоа нема да биде грип, туку болест што светот никогаш не ја видел порано, а тоа ќе се случи во одреден момент во следните 10 години.
„Во моментот не сме подготвени за неконтролирано ширење на ваков или уште поопасен вирус“, изјави тој. Додаде и дека постои позитивна страна на Ковид-19, а тоа, според него, се досегашните лекции што ни ги даде пандемијата, а тие нè зајакнаа и едуцираа.
Исто така, тој додаде дека ако оваа сегашна пандемија се развиеше пред пет години, светот немаше да има вакцина за толку кратко време.
„Им честитам на научниците за толку брзиот напредок во развојот на вакцината. Одговорните лица, се надевам, правилно ќе ја дистрибуираат. Натамошниот напредок на науката и технологијата секако ќе придонесе за тоа, а покрај епидемиолошкото знаење што го стекнавме за време на короната, ќе можеме дополнително и целосно да ги искористиме и сите предности на лековите, тестирањата, вакцините“, рече Гејтс.