По речиси една година во која без престан ги носеше и промовираше широките фармерки на Gap, Хејли Бибер конечно ја официјализираше соработката со познатиот американски бренд. Резултатот е лимитирана колекција наречена „The Hailey Jean“, инспирирана од модата на 90-тите години, која ги обединува минимализмот, удобноста и безвременскиот тексас.
Колекцијата вклучува модели што Хејли и самата ги носи во секојдневниот живот, а цената од 89,95 долари ги прави достапни за поширок круг купувачи.

Инспирација од 1996 година
„The Hailey Jean“ претставува модно враќање во 1996 година – период кој, според Бибер, бил златна ера за тексасот на Gap.
Фармерките се изработени од цврст памук без еластин, со идеја материјалот постепено да омекнува и природно да се прилагодува на телото, како што било случај со класичниот тексас пред неколку децении.

Колекцијата се состои од два главни модели.
Првиот е „Extra Baggy“ – широк модел инспириран од стар машки крој што Хејли со години го носела.
Вториот е „90s Low-Rise Loose“ – фармерки со низок струк и широки ногавици, токму моделот што ја започнал целата приказна за нејзината љубов кон Gap.

Двата модели се достапни во три различни нијанси на тексас.
Лично учество во секој детал
Хејли Бибер нагласува дека не сакала ова да биде уште една типична соработка меѓу славна личност и моден бренд.
„Не сум во фаза од животот кога сакам само да го позајмам моето име на некој производ. Бев активно вклучена во целиот процес – од снимањето на кампањата и видеото до приказната и самиот дизајн“, изјави таа.
Манекенката открива дека е позната по тоа што постојано прави мали кројачки корекции на својата облека и дека истиот перфекционизам го пренела и во развојот на новата колекција.
„Безброј пати сум му кажала на кројачот да ги стесни панталоните за само еден милиметар. Ќе ја фатев ткаенината со ноктите и ќе покажев колку малку треба да се промени. Ми велеа дека тоа нема да направи разлика, а јас им одговарав дека ќе направи. Навистина сум пребирлива кога станува збор за тоа како ми стои облеката и како се чувствувам во неа“, изјави Бибер за „Vogue“.
Личен печат на секој пар фармерки
Колекцијата содржи и неколку дискретни лични детали.
Потписот на Хејли е отпечатен на поставата на џебовите, додека бројот „1996“ – годината кога е родена, но и годината која се смета за симбол на најдобрите модели на Gap – е вметнат во металните нитни и задните етикети.
Кампања инспирирана од деведесеттите
Целата промотивна кампања е во духот на 90-тите години.
Во видеото, кое е проследено со песната „Linger“ од легендарната група The Cranberries, Хејли се наоѓа во соба уредена во ретро стил, слуша музика на стар CD-плеер и фотографира со аналоген фотоапарат.
„Постојано повторувам едно исто, но тоа е вистина – деведесеттите ме инспирираат. Филмовите, актерките, моделите…“, вели таа.
Како свои најголеми модни инспирации ги издвојува Кејт Мос, Гвинет Палтроу и Кристи Тарлингтон, а посебно го истакнува стилот на Елизабет Харли.
„Често зачувувам фотографии од Елизабет Харли. Нејзиниот уличен стил беше толку едноставен и ненаметлив“, додава Бибер.
Голем потег за Gap
За Gap, кој под креативното водство на Зак Позен работи на враќање на поранешната популарност, соработката со Хејли Бибер се смета за значаен чекор.
Автентичноста на ова партнерство лежи во фактот што манекенката ги носеше нивните фармерки долго пред официјалната соработка, комбинирајќи ги со едноставни бели маици, кошули и минималистички сандали.
Во последниот квартал продажбата на брендот пораснала за 10 проценти, а многумина сметаат дека токму едноставноста и безвременскиот стил повторно го враќаат Gap во фокусот на модната сцена.
„Секогаш се водам од тоа дека помалку е повеќе. Најважно ми е да ми биде удобно“, вели Бибер.
Според неа, новите фармерки најдобро изгледаат во комбинација со високи потпетици и мал винтиџ топ, но исто толку добро функционираат и со обична бела поткошула и црни јапонки.
„Мислам дека комбинацијата која изгледа како да сте ја позајмиле од гардероберот на вашето момче е навистина секси и симпатична“, заклучува Хејли Бибер.






