(Видео) Девојката на Џефри Епстајн ќе се спогоди и ќе се извлече од затвор

Девојката на поранешниот американски милијардер и педофил Џефри Епстајн, Гислејн Максвел, би можела да се извлече од затвор, пренесуваат светските медиуми. Извори блиски до истрагата откриваат дека таа го има најмено најдобриот правен тим кој би можел да ја извади од затвор.

Максвел беше уапсена минатата недела на нејзиниот имот во Њу Хемпшир. Дваесет и четири агенти на ФБИ ја уапсија Максвел во нејзината вила.

Вооружените полицајци и агенти провалиле во луксузното засолниште на Максвел, а еден службеник откри за „Дејли мејл“ како се одвивала целата акција. И Максвел, како и Џефри Епстајн, е обвинета за трговија со малолетници.

По смртта на Епстајн, Максвел се криела од властите на САД. На крајот завршила на луксузниот имот Такед авеј, со големина од 63 хектари, во Бредфорд, Њу Хемпшир.

Во четвртокот утрото, во 8 и 20 часот, во нејзината вила упаднале 24 вооружени агенти од американското Федерално истражно биро (ФБИ), локалните полициски сили, полицијата на Њујорк, па дури и полициската единица на Њу Хемпшир задолжена за банди.

Тие ја пресекле бравата на металната капија, која била пречка за секој кој сакал да влезе во изолираниот имот, кој, пак, Максвел го купила минатиот декември и за кој платила во кеш.

„Возевме брзо во конвој од 15 возила. Да речеме дека не чукнавме уредно на вратата. Ја срушивме“, изјавил еден од полицајците за „Дејли мејл“.

„Максвел во тоа време беше будна и облечена. Седеше во дневната соба во маица и тренерки. Беше необично тоа што не покажа никаква реакција. Како да не нè регистрираше“, навел изворот.

Полицијците потоа ѝ ставиле лисици на рацете.

„За неколку секунди се најде во притвор“, вели изворот за „Дејли мејл“.

Соседите на Максвел биле во паника околу четири часа претходно, во 4 и 20 часот. Тие ги слушнале авионите што летале над нивните домови. Дик Морис, столар кој живее во близина на имотот на Максвел, вели дека слушнал зуење.

„Прво помислив дека се во прашање неколку авиони, мотор со седиште и падобран, кој за овие места е вообичаен. Тие се слушаат десетина минути и исчезнуваат. Но, овој звук траеше и траеше“, раскажува Морис.

„Тргнав да натоварам стока во камионот околу 7 часот, а авионот сè уште беше тука. Се прашував што прави. Низ дрвата забележав и помал авион, како цесна, како прави големи кругови. Тогаш забележав и уште еден авион, кој правеше спротивни кругови. Подоцна сфатив дека тоа е ФБИ, кои сакаа да се осигураат дека Максвел нема да избега пред тимовите да упаднат“, вели соседот.

Инсајдер запознат со едногодишната потрага по Максвел изјавил дека агентите на ФБИ ѝ биле на трага на Максвел уште од минатиот август, откако Џефри Епстај се самоуби во затворот во Њујорк, каде го чекаше судењето поради трговија со малолетнички.

Пријателите на Максвел пред неколку дена објавиле фотографија на која поранешната „мадам“ на Епстајн седи во ресторан во Лос Анџелес, но истражителите заклучиле дека станува збор за стапица, со цел да ги одвратат од вистинските траги.

„За оваа акција се потрошени милиони долари и се исполнети стотина работни часови. Најмалку пет милиони долари, можеби и повеќе“, изјавил изворот за „Дејли мејл“.

„ФБИ ја следеше Максвел година дена. На почетокот ја имаа, но подоцна ја изгубија. Таа беше во Колорадо, Војоминг, а потоа ја изгубија, сè додека не се појави повторно во Њу Хемпшир. Ова беше игра на мачка и глушец со висок влог“, додал тој.

Локалната полиција дознала за рацијата во средата вечерта, иако агентите на ФБИ се собрале во подрачјето уште во понеделникот. Минатата ноќ адвокатот поврзан со случајот предупреди дека обвинението за Максвел за сексуална злоупотреба на деца во периодот од 1994 година до 1997 година, кое се однесува на три жртви, од кои едната имала 14 години, сè уште не е готова работа.

„Ова е многу тежок случај за обвинителите. Прекршокот се случил пред 26 години. Нејзините адвокати ќе ги растргнат жртвите и нивните сведоци“, изјавил изворот.

„Имаа време да се подготват и огромен извор на финансии. На цел глас ќе се повикуваат на Ковид-19, дека целата работа се случила пред многу време. Ќе тврдат дека таа била жртва на Епстајн“, додал адвокатот.

Изворот запознат со одбраната на Максвел изјавил дека нејзиниот тим се подготвува за војна.

„Година дена чекаа на ова. Таа има пари да го избере најдобриот правен тим. Очекувавме дека ќе дојде и овој ден. Таа ќе се бори за својот живот и нема да замине тивко. Инсистира дека е невина, како и до сега“, навел тој.

Максвел смета дека е заштитена со спогодбата од 2008 година, во која Епстајн признал две обвиненија за детска проституција во замена за поблага казна и имунитет за другите вмешани.

„Таа спогодба може да биде излез од затвор за Максвел“, додал изворот за „Дејли мејл“.

Максвел минатата ноќ ја поминала во притвор во Боскавен, Њу Хемшир. Се очекува дека ќе биде префрлена во затворот во Њујорк, во Бруклин, каде што ќе биде одржано судското сослушување. Тоа се очекува да се случи во вторник или в среда.

Ова не е истиот затвор во кој Епстајн го изврши самоубиството на 10 август, пишува „Дејли мејл“.

Максвел ќе биде во изолација во својата ќелија, а американскиот државен обвинител Вилијам Бар лично го повика обвинителот на Јужниот дистрикт во Њујорк да даде уверение дека нема ништо лошо да ѝ се случи.

„По дебаклот со Епстајн, на неа ништо не смее да ѝ се случи“, изјавил изворот близок до истрагата.

Scroll to Top