Таксист од Флорида почнал да верува дека коронавирусот навистина постои откако ја загубил сопругата. Тој сега ги негира сите теории на заговор за вирусот кои се шират на социјалните мрежи.
Брајан Ли Хиченс и неговата сопруга Ерин верувале во тврдењата што ги читале на „Фејсбук“ дека коронавирусот е измислен и дека е поврзан со 5 Г-мрежата или дека е сличен на грипот.
Поради тоа, не се придржувале на упатствата од здравствените работници, ниту, пак, посетиле лекар кога и двајцата се разболеле на почетокот на мај, пренесува Би-би-си.
Брајан оздравел, но неговата 46-годишна сопруга овој месец починала од срцеви проблеми, поврзани со коронавирусот.
Брајан во јули разговарал со новинарот на Би-би-си, во рамки на истражувањето што го спровел британскиот јавен медиумски сервис, за цената на дезинформациите за коронавирусот, кои подоцна се плаќаат со човечки животи.
Тогаш неговата сопруга сè уште била жива, но била приклучена на респиратори. Ерин и претходно имала проблеми со здравјето, боледувала од астма и нарушување со спиењето.
Брајан изјавил дека сега жали што не ги слушал советите за коронавирусот од почетокот на епидемијата и изразил надеж дека сопругата ќе му прости.
Тој вели дека коронавирусот е вистински и дека различно делува на луѓето и додава дека не може да го промени минатото, туку дека може да живее само во сегашноста и да донесува подобри одлуки во иднината.
„Ако морате да излегувате надвор, ве молам бидете паметни и не правете глупости како што правев јас. Така нема да ви се случи тоа што ми се случи мене и на мојата сопруга“, напишал Брајан на социјалните мрежи.
Би-би-си потсетува дека експертите предупредуваат дека теориите на заговор и дезинформациите нанесуваат голема штета врз здравјето на луѓето.