(Видео) Планета со големина на Земјата талка низ нашата галаксија

Планета со големина на Земјата талка низ нашата галаксија, пренесуваат светските медиуми. Планетата не е поврзана со ѕвезден систем каков што е нашиот, велат експертите.

Научниците веруваат дека има огромен број планети кои слободно скитаат низ вселената, некои од нив од 600 до 1.200 пати поголеми од Земјата.

Сепак, научниците откриле една слободна планета со големина на Земјата како се движи низ Млечниот Пат.

Ова откритие, објавено во астрофизички магазин, може да биде доказ дека во вселената постојат огромен број такви планети, кои не се преголеми, а истовремено не се поврзани со некој соларен систем.

„Шансите да се открие објект со релативно мала маса што слободно скита низ вселената се екстремно ниски. Или ние имавме среќа или таквите објекти се почести во вселената отколку што  мислевме“, вели Пжемек Мрож од Институтот за технологија на Калифорнија, пишува Live Science.

Повеќето планети од нашиот Сончев Систем се видливи за астрономите пред сè благодарение на ѕвездите за кои се врзани. Тие ѕвезди обезбедуваат светлина што овозможува планетата да биде забележана од некои од телескопите на Земјата. Кога планетите се премногу мали за да бидат видени со телескоп, научниците можат да ги  видат благодарение на малото гравитациско влијание на нивната ѕвезда или со помош на треперењето што го забележуваат кога планетата ќе минува покрај ѕвездата.

Планетите кои скитаат немаат такви ѕвезди кои би ги осветлиле на таков начин. Научниците ги откриваат благодарение на теоријата на Ајнштајн за релативитет, позната и како гравитациска леќа. На тој начин, големите планети, или други вселенски објекти, дејствуваат како космичка лупа која, гледано од Земјата, ја прекршува светлината од некој извор каков што се ѕвездите.

„Ако  објектот помине меѓу набљудувачите на Земјата и оддалечените ѕвезди, неговата гравитација може да ја одбие или да ја фокусира светлината од таа ѕвезда“, вели Мрож.

Научниците ја мерат промената на светлината и благодарение на тоа знаат колку е голем објектот што се однесува како гравитациска леќа. Колку е поголем објектот, ефектот од гравитациската леќа трае подолго.

Астрономите објаснуваат дека шансите да се забележат вакви кратки промени се екстремно мали, затоа што може да минат и по милион години додека една планета се најде во  положба да може да се види нејзиниот ефект врз прекршувањето на светлината од Земјата.

За среќа, научниците кои ја откриле оваа планета следат стотина милиони ѕвезди чија светлина може да биде прекршена. Најмалата планета која слободно скитала низ нашата галаксија најверојатно се одвоила од својот планетарен систем по судар со некои голем објект.

Scroll to Top